По повод последните случувања поврзани со подметнувањето на мигранти кај македонски превозник, Стопанската комора на Македонија излезе со соопштение преку кое ги предупредува учесниците во меѓународниот сообраќај за зголемена внимателност. Целосното соопштение е прикажано во продолжение.

Националниот координативен центар за гранично управување при Владата на Република Македонија повторно се обрати до Стопанската комора на Македонија со кој ја известува за одредени појави со несакани последици што се јавуваат во меѓународниот сообраќај, со цел за предупредување на сите учесници во меѓународниот сообраќај за зголемена внимателност при реализирање на меѓународните договори со странските комитенти од која и да било земја и доколку се забележат вакви појави, веднаш да се известат најблиските полициски станици во земјата во која се наоѓаат.

Првичното известување, односно предупредување беше со следната содржина:

“На 02.02.2018 година, од страна на службени лица на ГП Стар Дојран при контрола на товарно возило, сопственост на „РИДО Компани“ од Куманово, во влечната приколка на товарното возило откриени се 6 илегални мигранти. Имено, возачот товарел стока во Турција, бил паркиран на паркинг и додека спиел страничната сајла му била исечена, по што мигрантите од страна на шверцери на луѓе од Турција биле уфрлени во приколката, на тој начин што му ја исекле сајлата која потоа со помош на игла за плетење повторно ја припоиле.

Возачот без проблеми ја минал излезната турска граница, влезната граница во Грција и излезната граница од Грција, а бил откриен од нашите гранични служби. Поради напред наведеното, се известуваат и се предупредуваат клиентите кога патуваат во Турција, Грција или во други земји при запирање на паркинзи, при одмарање, пред да го продолжат патувањето, да ги проверуваат сајлите и доколку забележат вакви недостатоци, веднаш да ги известат најблиските полициски станици во земјата во која се наоѓаат. Во минатото во наведените земји ваквите лица иако не се инволвирани во шверцот со луѓе, не можејќи да ја докажат својата невиност се осудувани на подолги затворски казни.“

Со оглед дека ваквата појава може да ескалира со несакани последици, се предупредуваат сите учесници во меѓународната трговија истата да ја сфатат крајно сериозно, со зголемена внимателност и со крајна претпазливост.

Во медиумите веќе е објавен случај за возач на камион во чија приколка биле пронајдени 11 мигранти, кои нелегално се изнесуваат од Грција.