Интензивните врнежи на снег што во моментов се актуелни на најголемиот дел од територијата на Македонија веќе предизвикаа нарушување на нормалниот тек на сообраќајот на патиштата низ нашата земја. Како што соопштуваат од АМСМ, во моментов е донесена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Маврово – Дебар како и на планинските премини Стража, Пресека, Буково, Ѓавато и Барбарос. 

На останатите патишта, сообраќајот се одвива по влажни коловози, а интензивните врнежи на снег може да допринесат за поголема снежна покривка на не толку фреквентните патни правци со што би се отежнало движењето. Оттука потребно е поголема внимателност при возењето како и користењет на зимска опрема.

Од АМСМ препорачуваат и внимателно возење и во клисурите и засеците каде е можна појава на одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.