Илјадници германски дизели јуришаат кон Македонија! Откако повеќето германски покраини донесоа одлука за редуцирање на сообраќајот на дизел возилата, авто плацевите низ Германија веќе неколку месеци се полнат со половни дизел автомобили. Според неофицијални информации, на авто плацевите во Германија во моментов се наоѓаат 500 илјади половни автомобили, а нивниот број постојано расте како се наближуваат крајните датуми до кога е дозволена вклученост на овие автомобили во сообраќајот.

А што би правеле германците со толку половни дизел возила? Сигурно го знаете одоговор, а тоа е извоз кон земјите од Балканот, секако, тука вклучувајќи ја и Македонија. Веќе повеќе од една деценија од Германија кон Македонија, Србија и Бугарија се извезуваат половни автомобили, но вистински бран се очекува оваа пролет и лето. Иако пазарот за половни автомобили во Македонија е заситен, за што потврдуваат и препродавачите кои се жалат за лошата продажба, сепак од извори од македонската Царина добивме информации дека во месец март било забележан зголемен увоз на половни автомобили.

Овој бран секако дека ќе ги намалат цените на дизелите во Македонија бидејќи веќе и во Германија тоа се случува. Така Citroen C4 од 2005 година со ЕУРО4 стандард во солидна состојба (пали-вози) можете да најдете за 2.000 евра, Peugeot 207 од 2008 година со поминати 200 илјади можете да купите за 2.200 евра, а BMW 118d со фул орема можете да купите и за 4.000 евра.

Од спроведената анализа и компарација со цените за овој период минатата година може да се забележи и намалување до 25%. Секако ова се одлични цени за дилерите на половни авотмобили во Македонија, а по некоја логика под влијание на големата понуда и не толку големата побарувачка се очекува оваа година на плацевите низ Македонија да се најдат поевтини автомобили. Но, тоа би требало да е така доколку се водиме од законот за понуда и побарувачка кој во Македонија кога се во прашање половните автомобили постојат исклучоци.

 

ТУКА СЕ И СРБИЈА, БУГАРИЈА…

Покрај во Македонија, крајна дестинација на германските половни возила се и Србија и Бугарија, додека оние половни автомобили од понова година (од 2012 – ) завршуваат и во Словенија, Словачка, Полска, Украина и останатите земји. 

Бугарија веќе традиционално со децении е местото каде што завршуваат половните автомобили од останатите земји од Европската Унија (пред се Италија), а изминатата година е забележан раст на увоз од Германија. Слично како и кај нас така и таму поради социјалната димензија на населението се повеќе и повеќе се решаваат да купат увезено половно возило. Оттука и поради големиот пазар Бугарија е лидер на увозот на половни возила. 

Треба да е напомене дека дел од овие возила завршуваат и во Македонија преку добро познатите плацеви во Крива Паланка, па оттука во Македонија покрај непосреден имаме и посреден увоз на германски половни возила. Така, покрај илјадниците дизели кои патуваат од Германија кон Македонија имаме и ќе имаме состојба на увоз на половни германски автомобили преку Бугарија.

НАМАЛЕН УВОЗОТ ОД ИТАЛИЈА

Репутацијата на германските автомобили и последните случувања околу забраната на дизел автомобилите придонесоа за намалување на половните дизел автомобили во Германија. Ова секако влијаеше и влијае врз намалување на увозот на полови автомобили од Италија и останатите земји од Европската Унија. Така на авто плацевите сега, за разлика од минатите години ќе слушнете како возилата се од Германија (и Швајцарија), а многу ретко од Италија.

Покрај намалувањето на увозот од Италија, се бележи и намалување на увозот од Бугарија пред се поради појаватта на голем број на дилери кои увезуваат директно од Германија со што се обезбедува поголема заработка за нив поради што избегнуваат еден прстен во дистрибуцијата.

ШТО ДА ОЧЕКУВАМЕ ВО МАКЕДОНИЈА?

Што треба да очекуваме во Македонија? Повеќе половни возила на авто плацевите, повеќе половни и постари возила низ улиците низ Македонија и помалку продадени нови автомобили. Веќе претходно објавивме дека во Македонија во изминатата година биле продадени само 3.777 нови автомобили, а намалувањето на продажбата на нови автомобили очекуваме и за оваа календарска година.

Нашите очекувања се темелат на зголемениот увоз, пониските цени на половните години во однос на изминатите години, социјалната димензија како и не толку поволните банкарски услуги поврзани со купувањето на нови автомобили.