Во последните неколку месеци сообраќајните несреќи во кои учествуваат мотоцикли се доста присутни, а како последица на истите бројни возачи ги имаат изгубено своите животи. За таа цел во продолжение ве потсетуваме за најважните совети со кои може да се намали ризикот од незгоди.

Најважно од се е носењето на наштитен шлем т.е. кацига. Не само што е во рамките на пропишаниот закон, и за чије неносење можете да добиете казна од 50 евра, носењето на шлем навистина придонесува за намалување на ризикот од тешки повреди. Така самиот шлем во голема мера ја заштитува вашата глава од тешки удари кои можат да го оштетат мозокот односно да придонесат за внатрешно крварење. Не само возачите туку и совозачот на мотоциклот задолжително треба да носи кацига.

Прилагодување на брзината на состојбите на патиштата и во рамките на предвидената брзина значително може да го намали ризикот од сообраќајна незгода. Обично возењето на мотоцикл има големо влијание на адреналинот па често се случува да се вози над дозволеното со што не само што се прекршува сообраќајниот закон туку се ризикува сопствениот и животот на останатите учесници во оообраќајот.

Користењето на трепкачите, одржувањето на соодветно растојание, користењето на двете сопирачки, избегнувањето на т.н. мртви агли и носењето на рефлектирачки елек и заштитна опрема влијаат позитивно во однос на избегнувањето на сообраќајни незгоди.

Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, секој возач на мотоцикл треба да ги знае и следниве правила:

  • Движењето во група треба да биде еден позади друг
  • Возачот и лицата кои се превезуваат со мотоцикл,  задолжително   носат заштитен шлем на главата за време на возењето на патот
  • За вклучување на јавен пат или на друга сообраќајна површина, кога мотоциклистот се вклучува во сообраќајот од гаража, двор или друга слична површина, ако видикот му е закриен со друго возило, објект или предмет или ако видливоста му е намалена возачот на мотоцикл тоа треба да го направи со туркање, а не со возење
  • Возачот на мотоцикл не смее со мотоциклот со кој управува да преминува преку пешачки премини и пешачки патеки, а со тоа и да ја загрозува безбедноста на пешаците
  • Возачот на мотоцикл не смее да биде под дејство на алкохол или да превезува лице кое е под дејство на алкохол
  • Возачот на мотоцикл не смее да превезува дете помало од 12 години
  • Возачот на мотоцикл не смее да пренесува предмети пошироки од еден метар
  • Возачот на мотоцикл е должен да управува со возилото на начин на кој не се намалува стабилноста на возилото и не се попречуваат другите учесници во сообраќајот, а особено не смее да ги симнува рацете од управувачот, да се придржува за друго возило, да превезува, влече или турка предмети што можат да го попречуваат во управувањето со возилото или да ги загрозуваат другите учесници во сообраќајот
  • Полицискиот службеник на самото место привремено ќе му ја одземе возачката дозвола и ќе го исклучи од сообраќај возачот на мотоцикл  кој  управува со мотоцикл без заштитен шлем   и кога  лицата кои се превезуваат не носат или одбиваат да носат заштитен шлем за време на возењето на патот.

Оттука РСБСП исто така потсетува дека во овој период од годината особено важно е одржувањето на мотоциклот. За почетокот на пролетната сезона секој мотоциклист  треба да ги  направи  следниве основни проверки  на мотоциклот:

  • Да го замени  маслото и филтерот и да ја  провери  течноста за ладење на моторот.
  • Да го исчистете или замени  филтерот за воздух
  • Да ги провери  сопирачките  и  течноста во сопирачките (глицеринот)
  • Да го провери  притисокот на воздух во гумите и дебелината на шарата на гумите.
  • Да го провери  и наполни   акумулаторот.
  • Да ги прегледа  конзолите и  да го подмачка  синџирот.
  • Да ги провери  сите светла/сијалички.
  • Да провери  дали гаста, кумплугот и сопирачките функционираат правилно.