Најавите од минатиот месец се исполнија. Од крајот на следната година делницата Демир Капија – Смоквица ќе биде во целост пуштена во употреба. Оваа вест ја потврди Зоран Китанов, директорот на ЈП за државни патишта кој додаде и дека за почеток нема да иманаплатни пунктови и истите ќе бидат поставени дополнително.

„Две патарини  ќе има, една кај Гевгелија, една кај Демир Капија, нема да има застои, ќе бидат електронски со припејд, со тагови и ќе има на тој дел патарини, но со голем проток, а цената се утврдува согласно правилникот  за километража.“ – изјави Зоран Китанов, директор на ЈП за државн патишта

Оваа делница од Коридорот 10 требаше да биде пуштена минатата година кога и беше во целост завршена. Сепак поради далноводот на МЕПСО и неговата дислокација како и изградбата на контролниот центар пуштањето се одложи за оваа година. Сега кога далноводот е преместен, а изградбата на контролниот центар е во завршна фаза останува да се почека уште неколку недели за конечно да се вози по целосно реконструиран Коридор 10 кој е најфреквентната сообраќајна делница во Македонија.

За потсетување, изградбата на 28 километарска делница започна во септември 2012, а најголем дел од средствата потребни за изградбата се обезбедени со грант од Европската комисија како и заеми од Европската инвестициона банка и од Европската банка за обнова и развој.