Утре со почеток од 12:00 часот на свечена церемонија официјално ќе биде пуштен во употреба новата автопатска делница Демир Капија – Смоквица.

На свечената церемонија на пуштањето на делницата Демир Капија – Смоквица ќе учествуваат претставници на Директоратот за проширување на Европската Унија, највисоките претставници на Делегацијата на ЕУ во Република Македонија, членови на Владата на Република Македонија, претставници на локалните самоуправи низ кои поминува автопатот „Пријателство“ од Коридорот 10 во Република Македонија, претставник на централната власт на Република Грција, и претставници на компаниите изведувачи на работите на оваа делница.

Оваа делница од Коридорот 10 требаше да биде пуштена минатата година кога и беше во целост завршена. Сепак поради далноводот на МЕПСО и неговата дислокација како и изградбата на контролниот центар пуштањето се одложи за оваа година.

За потсетување, изградбата на 28 километарска делница започна во септември 2012, а најголем дел од средствата потребни за изградбата се обезбедени со грант од Европската комисија како и заеми од Европската инвестициона банка и од Европската банка за обнова и развој.