Градот Скопје во јавниот сообраќаен превоз вклучува уште еден екоавтобус. Новиот електричен автобус за кој Градот Скопје пред неполни три месеци потпиша договор со компанијата Chariot Motors за пробно користење, ќе сообраќа на линијата 15 во наредниве 6 месеци. За нормално обавување на превозот, на крајните постојки во Ново Лисиче и во Карпош 4 се поставени станици за полнење, први од ваков вид во Македонија.

“Ова се одлични можности кои ќе не збогатат со нови искуства за градот, што понатаму ќе можеме да ги користиме во планирањето на модернизацијата на јавниот градски превоз, за разлика од порано, кога се набавуваа автобусите исклучиво поради нивниот изглед. Вложувањето во јавен градски превоз кој е енергетски ефикасен и кој не го загадува воздухот е влог во создавањето здрава животна средина. Решавањето на деценискиот проблем со јавниот превоз во Скопје е дел од листата приоритети на градот. Годинава предвидовме буџет за субвенции за набавка на екоавтобуси  во висина од 100 милиони денари и за приватните превозници во висина од 20 милиони денари зашто Скопје заслужува автобуски превоз кој нема да загадува, ќе биде енергетски ефикасен и кој во целост ќе излезе во пресрет на потребите на граѓаните коишто го користат. Свесни сме дека ова не го решава во целост проблемот со загадувањето на Скопје во зимскиот период, но затоа работиме на тоа еден по еден да ги елиминираме причинителите за загадувањето, на долг рок” изјави градоначалникот на Скопје, Шилегов.

Инаку ова е трет екоавтобус кој се сообраќа низ улиците во Скопје. Во моментов на линијата 5 и линијата 2 се сообраќаат по еден екоавтобус на гас.