Доколку планирате да увезете ново или половно возило од странство тогаш потребно е да се следи соодветната процедура во Царинската Управа на Република Македонија. Според законските прописи, при царинење на возилото, неопходни се најмалку следните документи: оригинална сообраќајна книшка на возилото и оригинална фактура, купопродажен договор или изјава за вредност (во случај увозникот подолго време да го поседува возилото).

За да може да се утврди царинската вредност, потребно е да се достават и следните минимални податоци за патнички возила:

  • вид
  • марка
  • модел
  • тип на возило
  • погонско гориво
  • број на врати
  • година на производство
  • работна зафатнина на моторот
  • силина на моторот (киловати или коњски сили)
  • ниво на опрема (на пример, ниво на опрема за ВОЛКСВАГЕН ГОЛФ: comfortline, trendline, highline и.т.н.)

Кај товарни возила, комбиња, автобуси, камиони, приколки и полуприколки, покрај погоре наведените, потребно е да се достават и минимални податоци за:

  • број на оски
  • меѓуоскино растојание
  • сопствена маса
  • дозволена носивост
  • дозволено оптоварување по оски
  • должина/широчина/височина
  • вид на кабина (кај комбиња)

По доставување на овие документи следи проверка на податоците наведени во документите за купопродажба и другите придружни документи, односно споредување на бројот на шасија на возилото со оној наведен во купопродажниот договор и сообраќајната дозвола при купувањето.

По ова следи вообичаената процедура на хомологација која мора да се помине пред регистрирање на возилото. Инаку доколку возилото не ги исполнува условите тогаш увозникот нема да може да го увезе, а со тоа и користи или пушти во понатамошен промет.

Вообичаено царинската постапка за употребувани возила се спроведува на следниот начин:

По доаѓање на граничниот премин, кај овластен застапник (шпедитер) се подготвува транзитна декларација со која возилото се упатува на царинење во внатрешна испостава. Покрај наплатата на услугата, често шпедицијата бара да се приложи готовински депозит кој му се враќа на увозникот по завршувањето на транзитната постапка во внатрешната испостава.

По пристигањето во внатрешната испостава, започнува царинска постапка на увоз или складирање, зависно од потребите на увозникот или начинот на работа на Царинската испостава. Царинската декларација ја подготвува со полномошно овластен застапник (шпедитер).

Возилата со странски таблички кои веќе се наоѓаат во Република Македонија и ги управуваат лица со регулиран престој во странство, можат да започнат постапка на царинење без транзитна постапка на граничен премин, односно можат директно да се јават во царинските испостави каде се спроведува постапката на царинење на возила.

НАПОМЕНА:

  1. Редовните регистерски таблички да се изнесуваат од Република Македонија откако ќе започне царинска постапка. Доколку се изнесуваат пред започнувањето на постапката, тоа претставува царински прекршок.
  2. Сите возила може да бидат увезени само со еден сет на гуми.

ИЗВОР: Царинска Управа на Република Македонија