„Тргнаа на летување, а летнаа во провалија… Иван (24) и Ана (19) го загубија животот сообраќајна незгода…“. Ова е пораката која осамна покрај наводно истумбаниот автомобил поставен на влезот на градскиот парк во Скопје.

Ова секако е дел од кампањата која пред неколку дена ја започнаа Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) и Министерството за Внатрешни работи на РМ (МВР), а целта на истата е поголема безбедност и намалување на жртвите во сообраќајот за време на летните одмори.

Во градскиот парк овие две институции заедно со Америт и Градот Скопје го поставија автомобилот со цел да ги предупредат посетителите за можните последици доколку не се вози согласно пропишаната брзина и непочитувајќи ја патната сигнализација.

Според статистиката на МВР, вкупно 155 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди во 2017 година. Во нив, голем број се млади лица на возраст од 15 до 40 години, односно таа бројка изнесува 66 загубени млади животи. Минатата година, речиси секојдневно се случувале сообраќајни незгоди со фатални последици (4020), а најголемиот дел од нив (438) се случиле во месец јули. Статистиката говори дека и оваа година повеќе од 65 лица загинале на патиштата во Македонија.

Од РСБСП уште еднаш апелираат до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и внимателно да се вклучуваат во сообраќајот.

ИЗВОР: РСБСП