И официјално од фабриката на McLaren во Вокинг беше испорачан првиот примерок на McLaren Senna суперавтомобилот.

Како што соопштија од производителот, првиот автомобил со шасија број “001” е испорачан на бизнисменот Дејвид Кајт на кого клучевите од автомобилот му ги врачи извршниот директор на McLaren, Мајк Фливит во рамките на церемонијата која се одржа на технолошкиот центарна McLaren во Англија.

“Да ги доделиш клучевите на првиот купувач на Senna за мене навистина претставува голема чест” изјави Мајк Фливит по церемонијата. Своето задоволство не го криеше ниту Дејвид Кајт кој откри дека е долгогодишен вљубеник во McLaren. Тој веднаш се упати на стазата Пол Рикар во Франција каде ќе ужива во брзото и адреналинско возење.

Супер автомобилот располага со 4.0 литарски V8 агрегат кој продуцира 789 КС, а до 100ка забрзува за само 2.7 секунди што го вбројува овој автомобил како еден од најмоќните автомобили во моментов.

Овој модел кој го носи името на славниот Аиртон Сена, за прв пат беше претставен во декември минатата година, а саемската премиера ја имаше на овогодинешниот саем во Женева. Производителот McLaren уште тогаш потврди дека ќе бидат произведени само 500 примероци, а почетната цена започнува од 750 илјади фунти.