Неочекувана разврска на настаните, Даниел Рикиардо од следната сезона ќе вози за Renault. Оваа информација ја потврдија сите инволвирани страни, Renault, Red Bull Racing и самиот Рикиардо.

“Renault одлучи да се врати во борбата за титулата во Формула 1. Ангажирањето на Даниел Рикиардо е единствена можност Renault да ја исполни таа цел” изјави Жером Стол, претседателот на Renault Sport Racing.

Своето задоволство од трансферот не го криеше ниту самиот Рикиардо кој изјави дека ова е најверојатно една од најтешките одлуки во неговата кариера. “Се надевам дека ќе можам да им помогнам во нивната борба” меѓудруго изјави 29 годишниот австралиец.

Инаку Рикиардо веќе пет години вози за австрискиот тим, а најдобар пласман забележа во 2016 година кога по 21 трка со 256 поени заврши на третата позиција, истата онаа позиција на која заврши и две години претходно кога освои 238 поени и три победи.