Царинската управа на Република Македонија ги објави податоците во однос на увозот на возила за месец септември. Овој календарски месец биле увезени вкупно 2.995 патнички и товарни, нови и употребувани возила што е пораст за 61 возило во однос на август годинава.

Од оваа бројка, како нови патнички автомобили биле увезени само 358 што го прави септември месец со најмалку увезени нови автомобили годинава. Со ова, од почетокот на годинава до крајот на септември увезени се вкупно 4.332 нови автомобили што е пораст за 333 возила во споредба со истиот период минатата година кога биле увезени вкупно 3.999 нови возила.

Во однос на употребуваните односно половните автомобили, месец септември заврши со бројка од 2.338 возила што е во рамките на просекот годинава. Споредбено со септември минатата година, оваа година има драстично повеќе увезено половни автомобили. Така во септември 2017 година биле увезени само 1.886 половни автомобили. Влијание врз ова секако има забраните на дизел автомобили со големи количини на издувни гасови кои во Германија изминатиот период беа изречени. Со ова се зголеми увозот на половни автомобили од оваа европска земја.

И во септември годинава значително се увезуваа половни товарни моторни возила и половни автобуси и минибуси. Така според објавените податоци во септември биле увезени 183 половни товарни моторни возила и 13 автобуси.