Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и патиштата започна нова кампања со цел подигнување на свесноста на возачите за безбедноста во сообраќајот. За таа цел ја лансираше новата кампања именувана како „Без изговори!“.

Станува збор за нова едукативна активност која во себе содржи моќна порака дека не постои доволно важен и силен изговор да настрадаш и да го загрозиш својот живот или животот на некој друг учесник во сообраќајот како резултат на сопствената неодговорност.

„Кампањата „Без изговори“ има јасна цел: да ја подигне свеста за последиците од сообраќајните незгоди кај секој поединец преку континуирана едукација за важноста и потребата од целосно, максимално и безусловно одговорно учество во сообраќајот, а воедно, да влијае на дисциплираното однесување, кога станува збор за почитување на правилата и прописите“, велат од РСБСП.

Статистиката, за жал, покажува дека изговорите сѐ уште се наша лоша навика. Големиот број сообраќајни незгоди што се случуваат секојдневно се показател за тоа.

Сообраќајната статистика на РСБСП покажува дека во првите девет месеци од 2018 година, 100 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди. Во споредба со минатата година, оваа бројка е намалена за 10%, додаваат од РСБСП.

ИЗВОР: rsbsp.org.mk