2 јули 1977 година датум кој на прв поглед ништо не значи, но датум зад кој се крие раѓањето на југословенската гордост – популарното Yugo. Речиси сите знаеме дека овој автомобил се произведувал во Крагујевац, но се темелел на Fiat 127 дизајниран од страна на Пиу Манцу.

Епитетот југословенска гордост овој автомобил го доби поради самиот факт што во производството се користеле делови кои во најголем дел биле произведувани во Југославија. Така на пример, електричните делови биле произведувани во Нова Горица, сопирачки во Вараждин, периферните делови од моторот во Бања Лука, а сигурносните појаси и огледалата во Охрид.

Всушност во производството учествувале сите сојузни републики, а сигурно и дел од вашите баби и дедовци работеле во фабрики добавувачи на Црвена Застава.

За Југото изминатите 40тина години се поврзани бројни интересни случувања, настани. Најинтересен е патот до Америка иако повеќето од вас сигурно сметаат дека и патувајќи по мирните води капетанот ќе го закотви бродот на некое шпанско пристаниште дозволувајќи им на претставниците на фабриката да го направат првиот ремонт на автомобилите пред да пристигнат во САД.

Но во продолжение ви го претставуваме патешествието на Yugo од Крагујевац преку Атлантикот до Америка.

МАЛКОМ БРИКЛИН – ЧОВЕКОТ КОЈ ГО ДОНЕСЕ ЈУГОТО ВО САД

Ако веќе доделуваме ордени тогаш орденот за најголеми заслуги за препливувањето на Југо на “Големата бара” ја има Малколм Бриклин. Роден во 1939 година овој американски бизнисмен е познат по бројните неуспеси. Се започнува со формирањето на компанијата General Vehicles и производството на Bricklin SV-1, производство кое траеше едвај две години.

Неколку години подоцна започнува со увезување на автомобили од Европа. Првата негова дестинација е Италија каде постигнал договор со Ањели за увоз на неколку модели на Fiat. Иако компанијата станала профитабилна благодарение на овие операции сепак Бриклин се одлучува да го прекине увозот во САД.

“Работите на кои луѓето гледаат како неуспех често се степеник до успехот. Јас добив популарност и моќ токму на грешките” – Малколм Бриклин

Идејата за носењето на Југо во Америка произлегува од тогашната состојба на пазарот на автомобили во САД. Јапонските производители поради квотите се позиционирале во високите класи па поради тоа понудата на мали градски автомобили била многу скромна.

Поради тоа цената на овие автомобили значително се зголемила па во просек еден мал градски автомобил чинел 9 илјади американски долари, додека најевтиниот можел да се купи за нешто повеќе од 5 илјади тогашни долари.

Image result for Malcolm Bricklin yugo
Малколм Бриклин (Извор: Car and Drive)

Потрагата по евтин автомобил Бриклин ја завршил во Југославија. Во овој период Југославија како не наклонета кон СССР била доста симпатична земја за САД чија државна администрација имала одлична соработка на повеќе полиња.

Бриклин заедно со неговите соработници отпатувале во посета на Крагујевац каде на состанок со управата на Црвена Застава се договориле за импорт на Застава Корал во САД. Клучниот состанок се одржал во хотелот Шумарица во Крагујевац каде покрај Бриклин учествувал и амбасдорот на САД во Југославија како и неколку дилери од САД. На состанокот била договорена и првата пратка од 500 автомобили која на патот кон САД тргнала од пристаништето во Бар на 5 јули 1985 година.

Поглед кон пристаништето во Бар со првата пратка на Југо автомобили

За да може да се реализира овој проект, Бриклин и неговите инжинери од претходната компанија на југословенските инжинери им сугерирале околу 600 измени кои биле потребни да се направат за да може овој автомобил полесно да се интегрира на американскиот пазар. Една од измените се однесувала на мотористиката па така за американскиот пазар бил воведен 1.1 литарски четири цилиндрен мотор, а измените покрај на техничките делови се однесувале и на внатрешноста односно комфорот.

Сите овие измени ги раководел Здравко Мењак првиот човек на Институтот за истражување и развој на Застава, а како доказ за постигнатиот кваллитет се позитивната оценка на сите 35 тестови.

Постер за Југо во САД (Извор: Југо)

Југо во САД добива неколку додавки и тоа GV, GVC, GVL, GVS, GVX, верзии достапни со 1.1 и 1.3 I4 литарски бензински мотори. На овој пазар како и во Германија, Југо лансира и кабрио изведба која доживува значителна популарност.

ДОЗВОЛАТА ОД ФИАТ, ДИЛЕРСКАТА МРЕЖА, САЕМОТ ВО ЛА

Целиот овој проект околу освојувањето на Америка започнува во 1984 година кога за прв пат Застава со три автомобили Југо учествува на саемот за автомобили во Лос Анџелес. Тука за прв пат Бриклин се сретнува со Југо па оттука овој настан е клучниот за доаѓањето на Југо во Америка.

Додека Бриклин остварувал интензивни разговори со претставници на Застава, целата реализација на извозот зависела од ФИАТ. Италијанскиот производител, во тој период најмоќен производител во Европа ги поседувала правата за производство па неопходна била нивна дозвола. Во овој период во САД се продавале и возила на ФИАТ, но дилерската мрежа речиси и да не постоела, а продажбата незначителна.

Југо автомобилите во САД најпрво се продавале со 10 годишна гаранција или 100 илјади милји нешто на што завидувале и јапонските производители

Иако ФИАТ на почетокот се противел, сепак на крајот го дал зеленото светло, а со самото тоа продолжила реализацијата на проектот.

Бриклин како искусен бизнисмен кој крај себе ги имал Хамер и Енгелбургер знаел дека од најголемо значење е развојот на дилерската мрежа. Истата оваа дилерска мрежа полека, но сигурно се развивала во втората половина од 1985 година како и наредната 1986 година.

Централно место во дилерската мрежа заземала компанијата Yugo America – компанија главен увозник на Југо автомобилите во САД, а со неа директно раководел Бирклин.

Седиштето на Yugo America во Њу Џерси

Набрзо во САД се отвораат стотици изложбено-продажни салони и тоа во Сан Франциско, Лос Анџелес, Мајами, Канзанс, Њу Орлеанс, Њу Џерси, Филаделфија, Њујорк, Чикаго и други американски градови.

Продажно-изложбен салон на Југо во САД лоциран веднаш до McDonalds

 

НОВ АВТОМОБИЛ ЗА САМО 3.990 ДОЛАРИ

Првата пратка за САД заминува преку пристаништето во Бар во текот на јули 1985 година. Почетната цена за основниот модел изнесувала 3.990 американски долари па поради оваа ниска цена интересот за овој автомобил набрзо значително нараснал.

Во првата година биле продадени 3.895 автомобили, но веќе наредната година значители 35.910 автомобили. Трендот на популаризација поради ниската цена и едноставноста за одржување продолжува и во 1987 година кога се продадени рекордни 48.617 автомобили.

Пристигнувањето на првите автомобили на пристаништето во Балтимор

Со продадени над 100 илјади автомобили во првите три години, Југо прерасна во најпродаван неамерикански автомобил во тој период.

Со цел да одговори на побарувачката во фабриката била воведена и трета смена, а дневно се произведувале нешто над 120 автомобили. Зоран Јовановиќ еден од главните инжинери за Chicago Tribune открива дека по постигнувањето на договор за извоз, во фабриката набрзо биле вработени најдобрите инжинери дипломирани на Универзитетот во Крагујевац и останатите југословенски универзитети на почетокот на 80те гдини.

Во периодот од 1985 до 1992 година во САД биле продадени вкупно 141.651 автомобил Југо

Јовановиќ за весникот говори и за очекувањата на вработените од овој договор. “Очекувавме поголеми плати во наредниот период” изјави Јовановиќ. Сепак тоа не се случило па разочарувањето кај вработените било видливо.

Југословенските медиуми со неверување ја пренесоа веста за извозот на Југо во САД

Само за споредба, работник во производствен погон за автомобили во Јужна Кореа добивал 3 долари од час, во Јапонија 8 долари, во САД 20 долари додека во Југославија само 70 центи од час.

НАЈЛОШ АВТОМОБИЛ ВО ИСТОРИЈАТА ИЛИ СЕПАК НЕ!?

BBC во 2015 година и познатиот авто магазин Autotrader година подоцна го прогласуваат овој автомобил за најлош во историјата. И двата медиуми се повикуваат на искуствата на Американците, лошиот квалитет и недостапноста на сервисната мрежа во прогласувањето на овој автомобил.

Во Америка кружат најразлични шеги и искуства кои се однесуваат на Југо. Сепак тоа е и сосема нормално. Во психологија на луѓето особено оние од развиените земји најевтините работи да ги гледаат како неквалитетни и недостојни. Така и во земјите од регионот владее перцепцијата дека Дачија е најлошиот и најнеквалитетниот автомобил. Тоа е така поради тоа што долго време автомобилите во понудата на Дачија се најевитни во својот пазарен сегмент.

Токму на ист начин и Американците го земаа на пик Југото па врз основа на него создадоа најразлични шеги на сметка на југословенската гордост. Американците го критикуваа едноставниот и помалку застарен дизајн како и старата Фијатова технологија која беше составен дел од овој автомобил.

Related image
Најпознатата реклама за Југо во САД (Извор: Југо)

Можеби не беше на ниво на автомобилите на Ford, Chevrolet, Toyota, но не беше и толку лош. Ова може да се заклучи од истражувањето спроведено од страна на Popular Mechanics, a објавено во јуни 1987 година. Во истражувањето насловено како “Сопствениците на Југо си го сакаат својот автомобил”, авторите ги резимираат резултатите од анкетата.

На прашањето “Дали би купиле Југо повторно?”, 42.4% од испитаниците одговориле позитивно, 36% се изјасниле со одговор можеби, но само 21.6% со негативен одговор. Мнозинство од испитаниците се изјасниле дека овој автомобил има добра комфорност како на предните седишта така и на задните клупи. Сепак најголем дел од испитаниците своето незадоволство го должат на лошата услуга од овластените сервисери.

File:Red Yugo GVX.jpg
Yugo GVX на улиците во САД (Извор: Wikpedia)

Џејсон Вујиќ американец од југословенско потекло кој предава европска историја на колеџот Бриџвотер е автор на најпознатата книга за Југо, “The Yugo – The Rise and Fall of the Worst Car in History” во интервју за српска Политика на прашањето дали Југо е навистина најлош автомобил во историјата одговора дека тоа не е така иако Американците тоа го мислат. “Не, секако не. Но Американците навистина мислат дека е така и тоа го покажуваат во секоја прилика: во разни анкети кога се зборува за квалитетот на автомбилите, во радио и телевизиски емисии, во авто магазини. Во нашата (Американската) митологија и културен лексикон, Југо е најлошиот автомобил во историјата” кажа Вујиќ.

… ОДГОВОРОТ НА ЈУГО ЉУБИТЕЛИТЕ

Како одговор на бројните критики на глобално ниво кои во најголем дел се поттикнати од американските авто магазини, во 2018 година, српските медиуми објави 30 причини зошто Југото е подобро од секој останат автомобил.

Причина број еден е тоа што и покрај малите димензии, во ниту една друг автомобил од истиот сегмент не може да отидеш на летовање со жената, двете деца и пола покуќнина и сите да имаат доволно простор во внатрешноста.

Секогаш имаш оправдување зошто доцниш

Друга причина е тоа што со овој автомобил секогаш имаш добро оправдување зошто си задоцнил на работа или некој состанок. За разлика од другите автомобили, резервен дел за Југо може да најдеш во било кој подрум, а пр итоа ова е еинствениот автомобил кој има повеќе резервни него основни делови.

Сатистфакцијата од возење на Југо е далеку поголема отколку кога возите на пример Ауди. Возач на Ауди никогаш не може да каже дека неговиот телефон е поскап од автомобилот што го вози, а ниту може да го трампа за еден пакет зејтин.

Во аналите на Југо секако се наоѓа и легендарната шега: Yugo – You go but car doesn’t.

ДЕЛ ОД АМЕРИКАНСКАТА КУЛТУРА

И покрај се Југо се покажува доста популарен автомобил особено кај младите под 28 години. Тоа придонесе да овој автомобил се појави во многу културно-уметнички проекти.

Југо е главен автомобил во американската ерија Moonlighting каде главната улога ја игра Брус Вилис и Цибил Шепард. Овој автомобил добива улога и во филмот Drowning Mona каде е дел од постерот за филмот. Југото “глуми” и во филмот Bowfinger каде главните улоги ги играат Стив Мартин и Еди Марфи.

Image result for Drowning Mona

Од останатите филмови, Југо е дел и од Inspector Gadget, Dragnet, Bird Cage, Die Hard: With a Vengeance, The Crow, Savior, Good luck Charlie и многу други американски филмови и ТВ серии.

Покрај во ТВ проекти, Југото се спомнува и во бројни книги меѓу кои Catalyst и Florida Roadkill, песни, музички спотови, компјутерски игри…

КРАЈОТ НА АМЕРИКАНСКИОТ СОН И МНОГУ ГОДИНИ ПОДОЦНА

Политичките збиднувања кон крајот на 80те особено почетокот на 90те кога Обединетите Нации воведуваат санкции против Југославија придонесе да фабриката Црвена Застава се соочи со тешкотии во функционирањето. Тоа е и причината зошто на почетокот на 90те завршува извозот во САД.

Малком Бриклин е најголемиот победник. По низата неуспеси во 1988 година само неколку години пред распадот на Југославија ја продава компанијата и ексклузивните права за увоз на Југо во САД за 20 милиони американски долари.

Џејсон Вујиќ во својата книга наведува дека Југо не го искористил потенцијалот поради тоа што на долги патеки не можел да се вклопи во американскиот концепт особено поради фактот што овој автомобил користел мотор од 60те години, дизајн од 70те години, а во Америка пристигнал во 1985 година.

Оттука овој автомобил од старт се продавал како 15 годишен стар автомобил. Ова секако не било својствено за американската филозофија на живот. Американците и во овој период како конзумирачко општество секогаш сакале да располагаат и поседуваат средства од последните достигнувања.

Како мал автомобил со ниска цена, а големи амбиции, Југо можеби не доживеа драстичен успех како некој типичен американски или јапонски автомобил, меѓутоа далеку од тоа дека овој автомобил не беше воопшто интересен во САД. На крајот во историјата на САД ќе остане запаметен како наевтин автомобил и единствен автомобил од комунистичка земја кој се продавал на територијата на САД.

Бриклин по падот на режимот на Милошевиќ повторно доаѓа во Крагујевац каде ја разгледува можноста да ја откупи фабриката на Црвена Застава. Меѓутоа оваа зделка не се реализира, а и покрај тоа Бриклин е најголемиот победник од целиот овој развој на настаните бидејќи во 1988 година само неколку години пред распадот на Југославија, тој ја продава својата компанија и ексклузивните права за увоз и дистрибуција на овој автомобил во САД за 20 милиони американски долари.

И 30 години подоцна, Бриклин останува најзаслужен за увозот на Југо во САД, а многу американци, особено од помладата популација како и колекционери сеуште покажуваат интерес за овој мал градски автомобил.