Легендарниот југословенски производител на мопеди Tomos (Tovarna Motorjev Sežana) заминува во историјата.

Како што пренесуваат словенечките медиуми, окружниот суд во Копер отвори стечајна постапка против Tomos по неуспешните обиди да пронајте стратешки партнер кој би помогнал да се избори за излез од финансиската криза, но и да ја зголеми конкурентноста на меѓународниот пазар.

Иницијатори на стечајната постапка се вработените кои веќе неколку месеци немаат добиено плати, не им се платени придонесите како и регресот за годишен одмор.

Оваа фабрика е формирана во 1954 година во словенечкиот град Сежана. Со работа започнува официјално во 1955 година кога Јосип Броз Тито свечено ја отвара фабриката. Истата година сестринската компанија Cimos постигнува договор со Citroen за производство на неколку модели од францускиот бренд наменети за југословенскиот пазар.

Во наредните години Tomos прераснува во најпродаван бренд на мопеди во Југославија, но и пошироко. Во 60те години започнува и првиот извоз во неколку европски земји, а набрзо Tomos мопедите се извезуваат и во САД.

Related image

Поради својата популарност, под лиценца на Tomos, во холандскиот град Епе се започнуа со производство на неколку модели наменети за пазарите од тој дел од Европа.

Сега, години подоцна, оваа успешна приказна полека, но сигурно заминува во историјата и со тоа згаснува уште една светла точка на југословенската авто индустрија.