Легендарниот американски производител на мотоцикли Harley-Davidson ја објави цената на својот прв електричен мотоцикл кој во продажба доаѓа оваа година.

Како што пренесуваат американските медиуми, моделот LiveWire ќе се продава по цена од 19.799 американски долари во САД.

Овој продукциски модел беше премиерно претставен на саемот потрошувачка електроника кој на почетокот на месецот се одржа во Лас Вегас, а мотоциклот доаѓа откако во 2014 година беше претставен прототипот.

LiveWire ќе располага со две батерии, една ќе го придвижува моторот, а другата светлата, инструменталната табла и останатите електрични елементи. Со овие батерии, овој мотоцикл ќе може да помине до 180 километри што е секако одличен домет.

Како прв електричен мотоцикл истиот има одлични брзински перформанси, па така до 100 км/ч забрзува за само 3.6 секунди.