Македонските возачи се соочуваат со бројни проблеми при возењето и работењето во многу евро-азијски земји. Тоа произлегува од непризнавањето на возачките дозволи во поголемиот дел.

По воспоставувањето на билатерален договор за реципрочно признавање и замена на возачките дозволи со Италија, Шпанија, Албанија, Србија, Црна Гора, Германија и Босна и Херцеговина, Министерството за Внатрешни работи (МВР) соопштува дека нивните служби испратиле барање за воспоставување на билатерален договор за признавање со 30 земји.

Станува збор за сите скандинавски земји (Шведска, Норвешка, Данска и Финска), балтичките Естонија, Летонија и Литванија како и Полска, Русија, Португалија, Холандија, Франција, Украина, Малта, Молдовија, Монако, Луксембург, Белорусија и Сан Марино.

Во листата има и неколку евро-азијски земји како Ерменија, Азербејџан, Израел, Казахстан, Киргистан, Туркменистан и Узбекистан како и прекуокеанската земја Канада која доколку го прифати ова барање тогаш ќе биде првата земја преку океанот која ќе потпише ваков договор со Република Македонија.