Нема простор за класата X во понудата на Mercedes, одлучија од компанијата, а причината за тоа се разочарувачките продажни бројки.

Германскиот производител овој модел го лансираше во 2017 година се со цел да има свој претставник во оваа класа. Но амбициите воопшто не се остварија. Така Mercedes продаде само 16.700 примероци во Европа, Австралија и Јужна Африка минатата година, а незначителна продажба имаше и во САД каде повеќе не е дел од понудата.

Овој модел чија почетна цена во Германија изнесува 37.294 евра се темели во целост на Nissan Navara, а со оваа одлука Daimler планира значително да ги редуцира трошоците.

Претходно, во февруари годинава, тогашниот прв човек на Daimler, Дитер Цече ги откажа плановите за изградба на фабрика за камионети во Јужна Америка.