Често додека возиме автомобил, се возиме во јавниот превоз или користиме некое друго алтернативно средство за превоз или едноставно се движиме пешки, сме сведоци на (не) толку добрата сообраќајна сигнализација во Скопје.

Посебна приказна се семафорите кои не секогаш се на висина на задачата да го регулираат сообраќајниот тек, да ја зголемат безбедноста, но и да нема конфузија во движењето на сите учесници во сообраќајот.

При тоа под неисправен семафор подразбираме:
– семафори кои не работат синхронизирано (на едниот семафор вклучено е црвено за право, а на истиот до него сеуште е зелено)
– семафори кои имаат вклучено два сигнали истовремено (пр. црвено и зелено)
– семафори чиј сијалички не светат доволно јасно
– семафори кои едноставно ги нема

Истражувањето е спроведено во периодот од 12 мај до 16 јули 2019 година што значи сите резултати произлегуваат од состојбата на семафорите во овој временски период.

Најголем проблем се семафорите кои имаат вклучено два сигнала истовремено. Така екипата на АутоКлуб затекна таков проблем со семафорот за пешаци во Пинтија, семафорот кај Бриколаж, семафорот кај Момин Поток.

Многу чести се и проблемите со семафори чиј сијалички не светат доволно јасно. Таков на пример е проблемот со семафорто кај Тојота Авто центарот и тоа на семафорот со додатно зелено светло кога се движите по Булеварот 8-ми Септември кон Булеварот Никола Карев.

Едниот семафор за пешаци помеѓу Веро Џамбо и НБРМ воопшто не свети кога е зелено за пешаци.

Има и места каде иако во минатото имало семафор, сега поради непознати причини го нема. Така на пример на булеварот Партизански одреди во Влае (кај пешачкиот надвозник Влајко) недостасува светлечка сигнализација за пешаците кои се движат од маркетот Зур кон старото кино и обратно.

Семафор за пешаци недостасува и на раскрсницата во Козле, каде откако беше колатерална штета во сообраќајна незгода не беше воопшто заменет и истиот е во целост тргнат.

Преточено во бројки, од вкупно 89 семафори (семафорни единици) опфатени во ова истражување, горенаведените проблеми се присутни кај 31 семафор (семафорна единица) што претставува 34,8% од опфатените семафори. Тоа значи дека секој трет семафор во Скопје има проблем. Останатите семафори односно 58 се во целост функционални.

Во ова истражување не е опфатена функционалноста на семафорите од аспект на должината на светлосните сигнали.