Паркирањето во центарот на Скопје за само еден час може да ве чини исто колку и 1 килограм кременадли, шест лименки од по 0.5 литри пиво, колку билет за 10 возења во градскиот превоз или колку минималната дневница на повеќето вработени во Македонија.

Во превод, советот на Општина Центар донесе одлука според која паркирањето кај Дом на Градежници за еден час ќе чини 250 денари.

Од Општина Центар наведуваат дека одлуката се носи на барање на жителите на Градски Ѕид кои живеат во опфатот на затвореното паркиралиште Дом на градежници. Оттаму додаваат дека овие жители до Општината доставиле и петиција.

Во соопштението се наведува и дека ќе се редуцира бројот на часови на гостинската карта (м-карта) на 2 часа, по 17:00 часот неограничено. Ќе се воведе и систем за препознавање на регистарски таблички и ќе се отстранат постоечките картички, а ќе се ограничи и пристапот на комбињата за дотур на роба, односно ќе им се овозможи бесплатен пристап од 05:00 до 07:00 часот, во спротивно ќе ја плаќаат редовната цена за паркинг за 1 час.