Колку чинат новите автомобили во Германија, а колку во Македонија? Во продолжение ќе се обидеме да одговориме на ова прашање кое често е цел на дискусија помеѓу нас и нашите пријатели.

Впечатокот на повеќето е дека во Германија новите автомобили се поевтини во однос на оние кои се продаваат во Македонија. Сепак ова мислење на повеќето од нас е во целост неточно.

Во насока на ова може да послужи и табелата во продолжение каде се прикажани почетните цени во Германија и Македонија за одбрани модели. Како појаснување, станува збор за почетната цена на автомобили за најевтиниот модел односно во продолжение се цените за најевтиниот модел во понудата на соодветниот произвдоител.

Единствено, во Германија поевтини се Dacia Sandero, VW Polo и Mercedes GLA. Првиот автомобил е поевтин бидејќи во понудата на Dacia во Германија е понудено и ниво на опременост под минималното кое се нуди во Македонија. За исто ниво на опременост како и во Македонија. Доколку се спореди со истото ниво на опременост, овој модел во Германија чини 8.100 евра што е повторно поевтин отколку во Македонија.

Разликата во цена на VW Polo и Mercedes GLA е минимална, незначителна, па оттука и не може реално да се каже дека се поевтини во однос на Македонија.

АвтомобилПочетна цена во ГерманијаПочетна цена во Македонија
Toyota Corolla20.99015.990
Hyundai i3017.45013.990
Dacia Sandero6.9909.350
Kia Stonic15.99013.490
Fiat Tipo 5d16.09013.000
Alfa Romeo Giulia37.00034.800
Opel Astra18.59517.413
Citroen C312.99010.890
VW Polo14.28515.435
VW Golf VII21.36519.996
Skoda Octavia27.74016.358
Audi A433.60031.600
Seat Leon20.41019.355
Mercedes A Class26.55425.990
Mercedes GLA30.33330.990

 

Она што на германскиот потрошувач му е понудено повеќе отколку на македонскиот е нивоата на опременост. Во Германија, доколку купувате нов автомобил можете да изберете повеќе нивоа на опременост отколку во Македонија.

Така на пример во понудата во Германија Alfa Romeo Giulia е достапна во шест нивоа на опременост додека во Македонија во четири. Истото се однесува и најголем дел од останатите нови автомобили. Единствен исклучок се големите луксузни автомобили од премиум сегментот кои имаат унифицирана понуда во цела Европа.

Друго прашање е квалитетот. Постои широко прифатено мислење дека новите автомобили во Германија се поквалитетни во однос на оние кои како нови се продаваат во Македонија.

Ова тврдење е делумно точно!

Имено, оние производители кои имаат централизирани производствени капацитети и не располагаат со повеќе од еден производствен погон на различна локација за ист модел генерално нудат ист квалитет. Пример, моделот Giulia, Alfa Romeo го произведува само во една фабрика и тоа во Касино, во близина во Фросиноне. Оттука овој автомобил се дистрибуира низ целиот свет. При тоа квалитетот на ниво на регион е унифициран, а може да се разликува помеѓу два и повеќе региони пред се поради социо-економските и културни карактеристики на тамошната целна група.

Оние производители кои во Европа односно ЕМЕА регионот имаат повеќе од една фабрика за производство на еден ист модел нудат различен квалитет. Да претпоставиме дека производителот X има фабрика во Словачка и Турција, а во двете се произведува моделот Y. Во Германија, поради близината, се увезуваат автомобилите произведени од Словачка, додека во Македонија од Турција.

Во Германија и останатиот дел од Централна и Западна Европа, во однос на Македонија и останатите земји од Источна и Југо-источна Европа, постојат различни  социо-економските и културните карактеристики на купувачите.

Во превод и просто кажано, германецот има повеќе пари е спремен да плати повеќе за да добие поголем квалитет и сатисфакција од возилото. Македонецот пак, има помалку пари од просечниот германец односно нема многу пари за купување на возило па секогаш ја гледа економската детерминанта при купувањето на автомобилот.

Затоа производителите со цел да бидат конкурентни и заземат поголем пазарен удел во посиромашните земји нудат автомобили во кои се користени различни компоненти со цел да остварат ценовна предност. Затоа многу често доколку влезете во нов автомобил во Германија и Македонија, разликите можете да ги утврдите веднаш. Најчести компоненти кои се различни се: гумите, акумулаторите, брисачите, седиштата, управувачот, вратите, тапацирите, пластиките. Тука најмногу заштедуваат производителите, а тука настанува и најголемата ценовна разлика.

Најголема разлика во квалитетот има кај оние автомобили чија вредност е под 20 илјади евра затоа што оние што имаат на 20 илјади евра, плус 2-3 илјади евра не игра голема улога во носењето на одлука за купување на автомобил.

Дека тоа е така може да се види од горната табела. Кај автомобилите од пониските класи има голема разлика во почетната цена, односно истите се поевтини во Македонија. Од друга страна премиум автомобилите и автомобилите од повисоките класи како што се Mercedes, Audi, Seat се продаваат по идентична почетна цена.