Во ексклузивното интервју кое го спроведе АутоКлуб со господинот Тома Савиќ, поранешниот директор на неколку сектори во легендарната Застава, а потоа и заменик директор во компанијата, тој ни открива уште еден детал кој ретко кој го знае.

Плановите на Застава пред се поради успехот на меѓународната сцена во 80-те години биле големи па поради тоа кон крајот на 80-те и почетокот на 90-те веќе се работело на нови модели со Fiat, како и дизајнерските студија на Џуџаро и Бертоне.

Во 1991 година ПининФарина изработува прототип за Застава кој е попознат како мала Флорида. Савиќ открива, дека поради блокадите и тешката политичко-воена состојба во тогашна Југославија, прототипот останува подолг период во Италија. Носењето на прототипот во Крагуевац било готово невозможна мисија особено поради блокадите кои ги воведе Обединетите Нации за увоз и извоз од оваа земја.

ФОТО: Од архивата на Тома Савиќ / изгледот на рестајлинг изведбата на Југо

Сепак раководството на Застава, открива Савиќ, направи големи напори да прототипот преку Албанија стигне во Крагуевац во 1994 година.

“Слична судбина доживеа и обидот за рестајлинг на автомобилот 101 со една фирма од Велика Британија” изјави Савиќ за АутоКлуб. Тој додаде дека поради тешката и неизвесна состојба неуспех доживеа и проектот 104.

Ова значи дека во 90-те години било планирано воведување на три модели, новата мала Флорида која е со помали димензии од класичната, рестајлингот на популарниот 101 и новиот модел 104.

Во интервјуто Савиќ говори за почетокот и падот на Застава на американскиот и светскиот пазар, за плановите во 80-те и 90-те, за погрешната перцепција за квалитетот на Југо во САД и Австралија, а открива и многу детали кои се непознати или многу малку познати.

Целосното интервју ќе биде објавено наскоро.