Ние, Балканците, сме едноставно најдобри. Да не сме ние на пример целата германска економија ќе доживее колапс. Да не се разбереме погрешно, нема кој да работи во нивните фабрики, McDonald’s ресторани, а воедно и каде да ги извезуваат половните автомобили што ги возела баба, ама биле во гаража.

Тука, на Балканот, без разлика дали е Србија, Босна, Хрватска или Македонија, многу работи се случуваат и се карактеристични само за луѓето што живеат тука, без разлика на раса, етникум, религија и секако партиска определба.

Сепак она по што сме познати ние, од Балканот се карактеристиките и однесувањата во сообраќајот. Оние од “поцивилизираните” европски земји често не критикуваат за однесувањето во сообраќајот, ама нели, какви сме, такви сме, сите сме исти… горе – доле…

1. ЈАС ИМАМ ПРЕДНОСТ, И САМО ЈАС.

На Балканот секој и секогаш има предност, без разлика на знаците, десното правило и семафорот. Тие се секогаш вишок. Особено предноста се здобива со самото возило. Колку возилото е поскапо и од покул брендовите толку и предноста во сообраќајот е поголема.

2. ШТО ТИ Е ГАЈЛЕ КАДЕ ВРТАМ?

Жмгавец? Што беше тоа? Во суштина доколку возите на Балканот не треба да ве интересира која каде и кога ќе сврти, тоа е негов проблем, а вие не треба многу да се замарате.

3. УЛИЦАТА Е ОД ТАТКО МИ!

Секој, ама баш секој има во сопственост по некоја улица и тротоар оставен во наследство од татко му и дедо му. Затоа и секој има право да паркира каде сака и колку сака.

4. ИМАМ AUDI/BMW/GOLF И ЌЕ ВОЗАМ КАДЕ САКАМ И КОЛКУ САКАМ

И да, доколку имате автомобил од брендовите на Audi, BMW или пак Volkswagen, (иако увезен од 98-ма) тогаш по дифолт имате право да возите кога сакате, каде сакате и со која брзина сакате. Впрочем со самото купување на автомобилот производителот ви дава таква слобода, затоа се и скапи, зар не?

5. КОЈ СИ ТИ ДА МЕ КАЗНИШ? САКАШ ДА СВРТАМ ЕДЕН БРОЈ?

Секој од нас и секогаш има другар/пријател кој е полицаец и кој ни е другар/пријател само кога треба да не казнат. Добро не е важно што никогаш не сме пиеле пиво/кафе со него, ама бројот во именикот на мобилен е секогаш оружје број 1 кога сака некој да ни пише казна, а како и секогаш ние не сме виновни.

6. АЈДЕ БЕ ВОЗИ

Семафорот е посебна приказна. Мора сите да тргнат во онаа илјадитинка од времето кгоа ќе се вклучи зеленото светло. По само две илјадитинки тука е долгата свирка и “Ајде бе вози” на цел глас.

7. ШТО МЕ ГЛЕДАШ ТАКА?

Никој не смее да ве гледа вас, може само колата. Ова не важи за јаки девојки кои ќе се загледаат во јакиот, спуштен, спортски автомобил и цвикерата Долче и Габана. Другите може да добијат само едно “Што ме гледаш така?”

8. ЈАС ГО ВИДОВ ПРВ!

Кој ќе се паркира зависи кој прв ќе го види слободниот паркинг простор, а ако тоа не запали тогаш секогаш може да се вадите со “Секогаш тука паркирам јас”.

9. ТОА Е МОЈ АВТОМОБИЛ!

Е сега доаѓаме до еден многу важен дел од балканскиот менталитет на просечниот возач. На кафе се оди со, другар, другар, уште еден другар, братучед и секако автомобилот. Тој мора да е паркиран најблиску до кафичот за да може да се гледа додека се пие кафе и секако да се пофалиме за новите гуми купени на старо на некој од купи-продај сајтовите.

10. КАЈ СИ БЕ СРЦ?

Отворен прозор, пешачки, телефон во рацете или можеби чечкалица меѓу забите и изразот “Кај си бе срц” е најдостижното нешто што може да го доживеете со вашиот автомобил.