Рент А Кар агенциите често нудат примамливи понуди за изнајмување на автомобили. Сепак, користењето на оваа услуга може многу скапо да ве чини, особено доколку не внимавате на можните “цаки” кои намерно или ненамерно може да бидат (зло)употребени од страна на агенциите.

Во продолжение ви прикажуваме неколку работи на кои морате да внимавате при рентање на автомобил од Рент А Кар агенциите.

РЕЗЕРВАЦИЈА: Кога сакате да изнајмите автомобил од рент а кар агенциите воопшто не е доволен телефонски повик. Секогаш, ама баш секогаш направете резервација. Со тоа ќе се осигурате дека посакуваниот автомобил ќе биде на договореното место. Во спротивно агенцијата може тој автомобил да го изнајми на некој друг клиент. При резервација и капарисање, имајте на ум дека повеќето агенции во Европа прифаќаат само кредитни картички, но не и дебитни или готовина како депозит.

ДОДАТНА ОПРЕМА: При избор на возилото внимателно информирајте се дали истото ја поседува онаа опрема која ви е потребна и дали за одредена додатна опрема се доплаќа. Доколку при резервација не го направите тоа, при преземање на возилото цената за рентање може значително да порасне токму поради оваа додатна опрема која може да ви биде неопходна за патувањето.

КИЛОМЕТРАЖА: При резервирање на возилото проверете колкава километража на дневно ниво е предвидена со договорот. Има агенции кои нудат автомобили, но при тоа сте ограничени колку километри во просек можете да поминете на дневно ниво. Надминувањето на дефинираните километри може да ве чини многу.

ГОРИВО: Најголем број на агенции работат по принципот “full-to-full” во поглед на горивото. Тоа значи дека при подигање на возилото, но и при враќање резервоарот мора да биде наполнет до горе. Најпрво морате да внимавате дали при подигнување на автомобилот резервоарот е полн, а потоа, пред да го вратите најдобро е да поминете до најблиската бензинска и да го наполнете резервоарот. Во спротивно ќе треба да платите за горивото на агенцијата која ќе ја пресмета надокнадата по најскапата цена, но дополнително ќе ви биде пресметан и дополнителен износ за возење до бензинската за полнење на резервоарот.

ОСИГУРУВАЊЕ: За да се заштитите од штетите или евентуално крадење на автомобилот секогаш, ама баш секогаш вадете и осигурување. Доколку не го осигурате возилото тогаш сите евентуални штети или крадење на автомобилот ќе морате да го подмирите самите вие.