Популарниот интернет сајт Carscoops објави шпиунски фотографии од тестирањето на новата, четврта генерација од моделот Hyundai Tucson.

Иако најголем дел од екстериерот е камуфлиран, сепак се забелжуваат првите новитети.

Она што уште на прв поглед се забележува е дека кај овој модел е применет дизајнерскиот јазик како и кај поголемиот SUV, Santa Fe. Така, тука се дводелните LED предни светла како и новата маска. Дури забележлива е сличност на предните светла со оние кај моделот Mercedes-Benz EQC, додека задниот дел се очекува да бидe идентичен како кај моделот Nexo.

За очекување е и во понудата да се најдат истите мотори како и кај актуелната генерација т.е. централно место да заземе 1.6 литарскиот T-GDI мотор, но тука ќе биде и хибридната изведба. Премиерата на овој SUV се очекува да се случи следната година.

Првата генерација на Tucson беше лансирана во 2004 година за шест години подоцна да се појави и втората генерација. Актуелната трета генерација дебитираше на саемот за автомобили во Женева во 2015 година, а поради големата популарност овој модел на јужнокорејскиот производител се произведува во Јужна Кореа, Чешка, Кина, Алжжир, Бразил, Индија и Русија.