Третата генерација на Audi A4 позната и под кодното име B7 се појавува за прв пат во 2004 година во седанска изведба. Дизајнот е дело на Валтер де Силва, две години порано.

Во Македонија, на интернет порталите за огласување на автомобили може да се најдат над 200 автомобили од овој модел. Цената е различна и секако зависи од повеќе параметри: година на производство, мотор, помината километража, ниво на опременост, каросериска состојба …

Цената на овој автомобил кај нас започнува од 4.500 евра за автомобили со година на производство 2004-2005 година и над 200 илјади поминати километри (километража наведена во самите огласи). Од друга страна, во Германија цените започнуваат од 3.500 евра, а каравaнските изведби “одат” и под оваа цена. Најголем дел од автомобилите се со над 250-300 илјади поминати километри.

Во Германија има бројни автомобили од овој модел кои се наоѓаат на плацевите и интернет страните за огласите. Има најразлични изведби, со најразлични мотори, бои, опрема. Изборот секако е поголем од Македонија.

По случаен избор, Audi A4 2.0 TDI со поминати 257 илјади километри и година на производство во 2005, во Македонија најдовме за 5.100 евра. Ист таков модел, но со поминати 220.000 километри и тоа во S-Line изведба најдовме за 4.000 евра.

За модели од повисоките години, разликата помеѓу Македонија и Германија е и до 4 илјади евра, секако во корист на пазарот во Германија.

Цените во Македонија најчесто се движат од 5 до 8 илјади евра. Доколку со истите пари сакате да купите автомобил од Германија на пример, ќе добиете автомобил со далеку помала километража, и колку-толку поверодостојна историја. Друга предност е тоа што може да се направи и поврат на ДДВ па на крајот и да “заштедите” некое евро.

Сепак, доколку сакате седанска верзија ќе мора да имате повеќе “нерви” бидејќи најголем дел од половните А четворки се кравани.

ЗАКЛУЧОК: Цените во Македонија, при приближни критериуми очекувано, се далеку поголеми отколку во Германија.

[ПРОЧИТАЈ ПОВЕЌЕ: ОВА СЕ СИТЕ ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ЦАРИНЕЊЕ НА ВОЗИЛА]