И изминатиов викенд Министерството за внатрешни работи односно Одделението за безбедност на сообраќајот при СВР Скопје спроведе засилени контроли на скопските сообраќајници.

Според соопштението објавено на интернет страната на МВР, на 19.10.2019 година во периодот од 06:00 до 00.00 часот санкционирани се 34 возачи кои ја пречекориле брзината. Откриени се и 42 останати прекршоци, за кои се издадени 16 мандатни платни налози и 26 прекршочни платни налози.

Исто така, од 22:00 часот на 19.10.2019 година па се до вчера рано наутро беше спроведена  акциска контрола за откривање на возачи кои управувале со возило под дејство на алкохол на подрачјето на Скопје.

Притоа, санкционирани се 19 возачи кај кои било утврдено присуство на алкохол. Откриени се и 13 останати прекршоци, за кои се издадени пет мандатни платни налози и осум прекршочни платни налози.

Казнети се и возачи на мотори за кои се издадени 68 казни од кои 46 мандатни и 22 прекршочни платни налози.