Организацијата на најпопуларното натпреварување за мотоцикли, го потврди календарот за новата, претстојна сезона на MotoGP натпреварувањето.

Шампионатот се отвора на 8 март кога се вози трката во Катар, а две недели подоцна и во Тајланд. Во април се закажани трките во САД и Аргентина, додека во мај се возат три трки и тоа во Шпанија, Франција и Италија.

Каталонската трка е закажана за 7 јуни, а две недели подоцна и трката во Германија. На крајот на јуни закажана е трката за големата награда на Холандија.

Во јули на програмата е само една трка, онаа во Финска, а по речиси едномесечна пауза, на 9 август се вози во Брно, Чешка. Во овој месец се возат уште и трките за големите награди на Австрија и Велика Британија. Една трка се вози и во септември и тоа во Сан Марино, додека од 4 октомври до 15 ноември закажани се трките во Арагон (Шпанија), Јапонија, Австралија, Малезија и Валенсија (Шпанија).