Најочекуваните модели на Фиат и Мазда оваа година беа новата 124 и MX-5 попозната како Мијата. Нивниот дизајн долго време се криеше, па недостатокот на официјални информации ја подгреа загреаноста на фановите на Фиат и Мазда. Долго се чекаше и на крајот сето тоа вредеше. Авто индустријата доби два неверојатни родстери, чија основа е иста и развиена од страна на експертите на Мазда. Да, Фиат 124 е градена на платформата на четвртата генерација на Мијата, па оттука, гледајќи ја надворешноста како и возните перформанси на 124-та, многу авто експерти го поставија прашањето дали Мазда доби ноќ во грб и дали Фиат 124 е подобра опција од легендарната Мијата.
Токму во продолжение ќе направиме споредба на овие два родстери, па вие почитувани читатели одлучете дали Фиат успеа да ја “насамари” Мазда или сепак не.
Италијански дизајн vs Јапонска класика
Појавата на Фиат 124 и Мазда Мијата освојува на прв поглед. Италијански дизајн со својата препознатлива префинетост доминира кај 124, со таа разлика што во споредба со последните модели на Фиат, тука поистакната е агресивноста. Целосниот екстериерен дизајн Фиат го базира на легендарната 124-ка од 1974 година, па и оттука ретро-агресивниот дизајн.
Шефот за дизајн на Фиат Крајслер, Ралф Жилес потенцира дека целосната надворешност е 100% италијанска, и е убеден дека оваа оригиналност во изведбата ќе ги освои сите фанатици во САД. Toj додава дека овој автомобил и покрај италијанскиот дизајн содржи елементи кои традиционално се прифатени кај американските купувачи. Правоаголната форма на возилото која завршува со оштри завршетоци на задниот дел ќе бидат широко прифатени на американскиот континент.
Фиат 124 од 1974 година
И Мазда во својот дизајн се придржува кон традицијата и ја продолжува континуираноста во дизајнот на Мијата. Умерената заобленост на предниот и задниот дел произлегува од јапонската класика во дизајнирањето на модели.
Мазда MX-5 без многу разлики во однос на претходната генерација
И покрај тоа што двата автомобили се градени на иста платформа, постои голема разлика во димензиите. Должината на 124 изнесува 405,3 сантиметри додека должината на Мијата изнесува 391 сантиметар. 124-та на Фиат е и поширока за 1,5 сантиметар. Што се однесува до висината таа е идентична кај двата модели.
Тежината на Фиатот се движи од 1104 кг па се до 1123 кг во зависност од тоа дали станува за мануелен или аутоматик. Тежината на Маздата се движи од 1057 килограми па се до 1080 кг.
Без разлика во ентериерот
За разлика од надворешноста, внатрешноста и на Мазда MX-5 и на Фиат 124 е до најмал детал идентична. Во внатрешноста преовладува филозофијата на Мазда, а тоа е воочливо пред се во централната конзола.
Критичарите сметаат дека токму тоа што внатрешноста е идентична т.е. Фиат во целост ја има преземено од Мазда е голем недостаток за Италијанците. Сепак истите се сложуваат дека и ваквиот ентериер е сосема одличен.
Одлична продажба на Мијата
Веднаш по лансирањето на новата генерација на MX-5, Мазда забележа одлична продажба како во САД така и на “Стариот Континент”. Во САД само за првиот месец е остварена продажба од 1300 автомобили од овој модел што во споредба со последните пет години е апсолутен рекорд на месечно ниво. И продажбата во Европа е на одлично ниво. Првиот месец откако беше лансиран новиот модел на Мазда, забележана е рекордна продажба (повторно на месечно ниво) од 1500 автомобили.
Фиат пак, го лансираше моделот 124 на американскиот пазар неколку месеци подоцна и во јули беше забележана продажба од само 480 автомобили. 124-та во Европа во првиот месец забележа продажба од околу 800 парчиња.
Сепак, треба да се напомене дека Мазда MX-5 (Мијата) бележи голема репутација на американскиот пазар, а одличните продажни резултати произлегуваат од тоа што овој модел на Мазда бележи континуитет на американскиот (и европскиот) пазар повеќе од 26 години.
Од друга страна, Фиат по повеќе од 35 години повторно ја лансира порано популарната 124-ка, па токму и тоа има влијание врз почетната продажба. Исто така во вкупната продажба на Фиат 124 не влегува продажбата од Абарт изведбата на овој Фијатов модел.
Што се однесува до цената, Фиат 124 во Европа е достапен од 27,500 евра додека Абарт верзијата е достапна по цена од 40,000 евра. Што се однесува до Мазда MX-5, цената на овој модел започнува од 25,300 евра.
Абарт е вистинскиот конкурент на Мијата
Мазда Мијата е достапна само со бензиски мотор и тоа 1,5 и 2,0 литарски. Првиот со 96 KW кој до 100 км/ч забрзува за 8,3 секунди и вториот со 118 KW кој до стотка забрзува за 7,3 секунди. И Фиат 124 е достапен само со бензиски мотор. 124 спајдер верзијата има 103 KW и 100 км/ч постигнува за 7,5 секунди што е далеку подобро во однос на 1,5 литарскиот модел на Мијата.
Сепак, Мазда Мијата падна на колена пред Абарт изведбата на Фиат 124. Абартот располага со 125 KW и 100 км/ч може да постигне за само 6,8 секунди што е за 0,5 секунди подобро од најбрзата Мијата. Максималната брзина што Абарт 124 ја достигнува изнесува 232 км/ч. Максималната брзина на Мазда Мијата изнесува 214 км/ч.
Оттука произлегува и дека Абарт изведбата на Фиат 124 е вистински конкурент и предизвик за Мазда Мијата.
Видео
Фотогалерија
Фиат 124
Абарт 124
Мазда Мијата
Анкета