Полесен, побрз, нов, вака Тојота го најави пик ап-от со кој ќе се натпреварува на релито Дакар 2017 година. Новиот Хилукс ќе тежи 1,100 килограми што е за 650 килограми помалку од претходниот модел. Што се однесува до моторот, тој е позајмен од Лексус RC-F и истиот е 5 литарски, V8 мотор што е најмоќниот мотор досега поставен на Хилукс
Глин Хол дел од тимот на Тојота кој работеше на развојот на овој автомобил изјави дека најдобрите карактеристики на теренците на Тојота во изминатите пет години се спакувани во полесен, побрз Тојота Хилукс.
Со ваквите карактеристики на возилото се очекува Тојота да биде еден од фаворитите кај конструкторите за освојување на лидерската позиција на релито Дакар 2017 кое стартува на 2 јануари од главниот град на Парагвај, Асунсион.
АЛ АТИЈАХ И ДЕ ВИЛЕРС ЗАД ВОЛАНИТЕ
Дека Тојота има амбиции за освојување на подиумот на релито Дакар говори и фактот што на 2. јанури следната година зад воланот на Тојота Хилукс ќе застанат Насер Ал Атијах, Жинел де Вилерс и Лерој Полтер.
Насер Ал Атихах е добро познат на сите љубители на релито Дакар. Тој е поранешен победник на ова рели, а најголем дел од кариерата ја помина во БМВ и Фолскваген. Негов колега во улога на навигатор ќе биде Матеу Баумел кој го освои релито во 2015 како дел од Мини.
Вториот тим на Тојота го сочинува локалниот херој Жинел де Вилерс кој го освои Дакар во 2009 година управувајќи Фолксваген Туарег, а оваа година партнер-навигатор ќе му биде германецот Дирк фон Цицевиц. Двајцата возачи се всушност дел од тимот на Тојота уште од 2012 година.
Трет и последен, барем засега тим на Тојота е оној од јужноафриканците Лерој Полтер и Роб Хови кои во 2017 година ќе го возат четвртото Дакар рели.