АвтоВАЗ, компанија сопственик на најпродаваниот бренд на автомобили во Русија, легендарната Лада, наскоро добива нови сопственици. Руската гордост полека, но сигурно од доминантна руска сопственост преминува во странска. Имено, францускиот производител Рено ќе го спроведе преостанатиот дел од капитализацијата со што ќе стане доминантен сопственик на АвтоВАЗ.
За мнозинството акции, Рено ќе исплати 85 милијарди руски рубљи, а целиот овој процес треба да заврши во првиот квартал идната година. Со ова, за прв пат по 1966 година кога е и основана АвтоВАЗ, овој најголем производител на автомобили во поранешниот Советски Сојуз, а сега и Русија ќе стане мнозинска сопственост на странска компанија.
Сепак, добрите познавачи на автомобилската индустрија велат дека ваквата капитализација е неминовна доколку АвтоВАЗ сака да успее во реализирањето на долгогодишниот план за враќање на Лада на старите патеки.