Загаденоста на воздухот е глобален проблем. Овој проблем е присутен како во развиените така и во помалку развиените градови. Токму за оваа проблематика во седиштето на Обединетите Нации во Њу Јорк се одржа конференција на која учествуваа градоначалници на 40 различни градови ширум светот. Подобрувањето на квалитетот на воздухот како и борбата со климатските промени беа главните теми на оваа конференција.
Меѓу другото, градоначалниците на Париз, Мадрид, Атина и Мексико Сити се договорија за целосна забрана на возилата кои користат дизел деривати. Така според првичниот договор од 2025 година на улиците на овие градови нема да може воопшто да се возат дизел возилата.
Градоначалникот на Мексико Сити, Мигуел Ангел Мансера изјави дека со зголемувањето на инвестициите во јавниот превоз ќе се помогне во прочистувањето на воздухот во градот. Неговиот колега, градоначалникот на Атина Гиоргос Каминис изјави дека целта на неговиот град е елиминирање на автомобилите од центарот на градот.
Овие одлуки наидоа на позитивни реакции на активистите, но дел од нив изјавија дека треба да се почека и да се види дали овие намери ќе бидат реализирани од градоначалниците, но исто така потенцираа дека и другите градови треба да го следат овој пример.