Валтер Ботас, новиот пилот на Мерцедес, веќе го даде своето прво интервју за Тимот во кое раскажа како разбрал дека оди во најголемиот тим во Формула 1.
“Во овој спорт брзо учиш дека ништо не е сигурно, додека пенкалото не ја допира хартијата. Разбрав дека одам во Мерцедес, кога потпишав договорот. Мојата прва цел е победа. Потоа ќе си поставам цел, која ќе можам да си ја дозволам. Во зависност од тоа на кое ниво ќе е колата во првата трка, ќе видиме што можеме да очекуваме од сезоната. Имам искуство, но сеуште не сум постигнал ништо во Формула 1. Жеден сум за победи, и сакам да ја освоиме титулата како тим и јас како пилот. Подготвен сум да работам многу, сеуште сум млад. Луис ќе е како референтна вредност – тој е трикратен светски шампион и сите знаат колку е добар, па ќе биде одлично да сум негов соиграч и да се споредувам со него. Но, пред сè, двајцата треба да работиме заедно и да го водиме тимот напред “, изјави Ботас.
За да може Ботас да потпише со Мерцедес, Вилијамс мораше да го ослободат од неговиот договор со нив, кој беше обновен во 2016 година. Фелипе Маса така мораше да го одложи повлекувањето од спортот.