Пилотот на Торо Росо Карлос Сајнц Џуниор е посакуван од секој тим на Формула 1, а во Италија веќе тврдат дека токму тој е пилотот, кој стои на прво место на листата на Мекларен како опција за заменик на Фернандо Алонсо.
Од почетокот на сезоната 2017, 22-годишниот син на рели легендата Карлос Сајнц успеа да се пласира во зоната на поени во пет од седум старта, а најдоброто претставување досега му беше во Монако, каде што финишираше шести веднаш по фаворитите од Ферари, Мерцедес и Ред Бул.
Од Ред Бул неколкупати изјавија дека сакаат да го задржат Сајнц. Младиот пилот пак сподели пред неколку дена дека целта следната година му е да ја освои титулата заедно со Ред Бул. Но од тимот сепак не сакаат да се разделат ниту со Макс Верстапен, ниту со Даниел Рикардо, Сајнц тогаш ќе побара место во подобар тим од Торо Росо.
Се разбира, Мекларен во моментов би бил ризичен избор, имајќи предвид дека во моментот тоа е единствениот конструктор во Формула 1 без ниту една освоен поен. Виновникот за ова сепак е моторот на Хонда. Јапонците од своја страна веќе си обезбедија нов клиент за следната сезона во лицето на Заубер, а вчера стана јасно дека преговараат и со Вилијамс, што наведува на помислата дека догодина Мекларен нема да личи на овогодинешниот тим и можеби ќе се врати на Мерцедес.