Пилотот на Рено во Формула 1, Џолин Палмер по трката на “Хунгароринг” во Будимпешта, дојде во нашиот Охрид, од каде ќе го започне летниот одмор од Формула 1.
Тој на својот профил на “Инстаграм” објави фотографија од Охрид, со своите другари, која ја испрати со текстот:
„Разочарувачка трка поради повеќе причини. Но, сега… Одморот започнува. Прво патување и мало застанување во Македонија“, напиша Палмер со хаштаг Охрид.
Британецот заврши 12-ти на трката во Унгарија, и нема поени оваа сезона во најелитниот мотоспорт, па така се споменува дека од следната сезона тој ќе биде заменет во францускиот тим со полскиот пилот Роберт Кубица.
Кубица се откажа од Ф1 во шампионатот во 2011 година, кога стави крај на неговата кариера во Формула 1. Оваа година Кубица направи привремено враќање на патеката како испробуваше различни шампионати, вклучувајќи GP3 на “Франчакорта”, Формула Е на “Донингтон парк” и тестовите за светските серии по издржливост, вклучувајќи ги “24-те часа на Ле Ман”. Тој беше и тест пилот на Рено оваа сезона во Валенсија-Шпанија и во Велика Британија.