Германскиот производител на автомобили Порше сериозно размислува за влез во Формула 1. Тоа го призна финансискиот директор на компанијата Лутц Мешке кој одржа средба со Рос Браун и новите американски сопственици на Ф1 во текот на овој викенд за Гран При на Италија.
На крајот на оваа година Порше престанува со натпреварувачката програма во “24-те часа Ле Ман” во највисоката класа LMP1. Ова ќе им овозможи на Германците да го користат буџетот за Моторспорт единицата за враќање во Формула 1 за прв пат од 1991 година. Според информации по средбата двете страни разговарале за враќање на Порше како снабдувач на мотори, а не како конструктор.
Тимовите кои би ги искористиле турбо моторите на Порше се Вилијамс, Ред Бул и Мекларен. Последните дури имаат богата историја со Германците во периодот 1983-87, а во моментов се во потрага по нов снабдувач по целосниот неуспех со Хонда.