Kia Stonic заедно со Stinger се моделите кои јужнокорејскиот авто производител ги објави минатата година и веднаш го привлече вниманието на љубителите на автомобилизмот. Stonic дебитираше минатата година, на саемот за автомобили во Франкфурт, а само неколку месеци подоцна влезе и во сериско производство. Доаѓа директно од фабриката во Гвангмјеонг, а најзаслужен за неговиот дизајн е Питер Шрејер, познат по дизајнот на Audi A3 од 1996 година, А4 од 2000 година, TT oд 1998 година како и сите Kia модели од 2010 година до денес, вклучувајќи го и освежениот Rio кој се појави исто така минатата година.
Со должина од 4140 mm, висина од 1520 mm, ширина од 1760 mm и надворешен дизајн многу сличен на Kia Rio се доволни показатели за новиот Stonic веднаш по премиерата во Франкфурт минатата година да го добие својот надимак “мускулест Rio”. Во ова нема ништо лошо, напротив, зголеменетиот Rio со умерено агресивни линии му даваат одличен изглед на Stonic, прав градски offroad-ер. Рековме, инспирацијата во надворешниот дизајн е црпена од Kia Rio. Напред, традиционално, т.н. тигарски нос кој е истакнат со хромирана пластика по линиите. Предните фарови со малку по агресивен дизајн даваат спортски карактер. На кровот во стандардната опрема добивате кровни носачи со кои Stonic добива на висина. Сепак и покрај тоа Stonic на пример е за 12 cm понизок од Citroen C3 Aircross.
Задниот дел е многу повнимателно дизајниран и тука веќе се напушта концептот на copy-paste од Rio. Многу пооригинален дизајн кои заедно со пластичните црни странични прагови му даваат изглед на урбан кроссовер.
За разлика од надворешноста каде идентичноста со Rio и не е толку изразена, внатрешноста на Stonic е идентична како и кај Rio. 7″ LCD дисплеј со целосно интегриран аудио систем се наоѓа на централната конзола. Мултимедијалниот систем располага со Android и Apple конекција, а во основната опрема добивате и 6 звучника со MP3 како и AUX и USB приклучок. На централната конзола се наоѓа и држачи за чаши.
Генерално централната конзола изгледа одлично, изработена од квалитетна пластика, при што на возачот му се достапни сите команди. Се на се одлична ергономија.
Во однос на просторноста таа е на ниво како и кај останатите автомобили од овој сегмент. Единствен проблем може да биде просторот на задните клупи. Така доколку имате висина од над 180 cm ќе се соочите со проблем во однос на просторот околу главата.
Во однос на багажниот простор, Stonic располага со солиден стандарден багаж чиј минимален капацитет изнесува 332 литри, но со преклопување на задните клупи и совозачкото седиште истиот може да се зголеми на 1135 литри.
Во понудата, корејскиот автопроизводител нуди три бензински мотор, еден дизелски и сите со две нивоа на опременост.
Најмоќен според КС е 1.0 бензискиот T-GDi мотор кој располага со 120 КС. За да забрза до 10ка, на овој модел му е потребно 10.3 секунди, а максималната брзина која ја достигнува изнесува 184 км/ч. Покрај овој, тука се уште и 1.2 литарскиот и 1.4 литарскиот MPi бензински мотор со 84 и 100 КС. Единствениот дизелски мотор во понудата на Киа располага со 110 КС и 1.6 cc.
Во зависност од агрегатот потрошувачката на гориво на 100 км се движи во рамките од 3.8 литри до 4.9 литри кај дизелската изведба па се до 7 литри кај бензинскиот мотор со 1.4 cc.
Сите погореспоменати изведби доаѓаат со две нивоа на опременост и тоа: Experience и Style. Основниот пакет на опременост Experience меѓудругото е опремен со систем за контрола на стабилизацијата на возилото (ESC) што вклучува: EBD-ABS, CBC, SLS, HAC, VSM, TPMS како и 6 воздушни перничиња, централно далечинско заклучување со аларм, сигурносна брава на задните врати, безбедносни појаси на предни и задни седишта, ISOFIX за детско седиште и слично. Во поглед на ентериерот во овој основен пакет добивате клима уред, 7″ LCD дисплеј со аудио систем, Android Auto, Apple CarPlay, MP3+USB+AUS+ 6 звучника, управувач подесив по висина и длабочина, управувач и рачка од менувач обложени со кожа, аудио команди на управувачот, Bluetooth, патен компјутер, електрика на предните и задни стакла, електрика на ретровизори со греење, возачко седиште подесиво по висина, висинско подесување на предни светла, потпирачи за глава подесиви по висина напред и назад, делива задна клупба 60:40, држачи за чаши на централната конзола и слично.
Style пакетот на опрема, покрај погореспоменатото има уште и задна камера за паркирање, задни сензори за паркирање, LED дневни светла, LED задни светла, предни светла за магла, ретровизори со LED трепкачи и електрично склопување како и темпомат.
Навистина е забавно да се вози Stonic. Во град доминира неговата урбана страна, знае одлично да се најде и на отворено каде потрошувачката се движеше околу 4 литри на 100 км. Свиоците ги совладуваше солидно, а треба да се напомене дека при повисока брзина бучавата во внатрешноста нагло се зголемуваше.
Сепак доколку барате автомобиле за екстрени терени тогаш Stonic не е за вас исто како и останатите автомобили од овој сегмент. Како и да е, навистина е забавно да се вози во урбани средини. Навидум мал, но навистина голем, со одличен преглед на околината и лесна контрола на автомобилот.
Kia Stonic има навистина пристапна цена. Според ценовникот објавен од официјалниот дилер на Kia возилата за Македонија, новиот Stonic може да биде ваш за 12.990 евра. Ова е цената со пресметан промотивен попуст од 1,000 евра, а се однесува за моделот со 1.25 MPi бензински агрегат со 84 КС и основен пакет на опременост.
Цената на бензинската изведба 1.4 MPi мотор со 100 КС изнесува 13.600 евра за основниот Еxperience пакет додека цената за Style е за 1.100 евра повисока и изнесува 14.700 евра. Доколку сакате да го купите новиот Stonic опремен со 1.0 T-GDi бензински мотор и 120 КС од вашиот буџет ќе треба да одвоите 14.600 евра.
Цената на единствената дизелска изведба се движи од 15.990 евра до 17.100 евра во зависност од пакетот на опременост.
Деталниот ценовник можете да го погледнете ТУКА.
Три ѕвезди за новиот Kia Stonic на Euro NCAP краш тестот. По неколку дневните тестирање на новата Stonic, Европската Агенција за исражување на безбедноста на автомобилите го награди овој автомобил со три ѕвездички. Најдобар скор има во поглед на безбедноста на возрасните/возачите и тоа од 85%. Во поглед на безбедноста на децата кои се наоѓаат во автомобилот Stonic доби 84% додека во поглед на безбедноста на пешаците Kia Stonic доби 62%. Најслаб скор има во безбедносната асистенција односно безбедноста на околината. Во погел на овој параметар, Stonic доби само 25 процентен скор.
Kia Stonic има далеку послаби безбедносни перформанси во поглед на конкуренцијата. Така на пример новиот Citroen C3 Aircross, Opel Crossland X и Suzuki Vitara кои се конкуренти на овој модел на Киа имаат скор од 5 ѕвездички. Овој модел на Kia има послаб скор и од својот поголем “брат” Niro кој на Euro NCAP тестот се закити со пет ѕвезди.
Повеќе за краш тестот на Kia Stonic прочитајте ТУКА.
AutoTrader беа првите што имаа можност во живо да се запознаат со новиот Stonic. Во продолжение ви го претставуваме 3 минутното видео од тестот на Фил Троманс.
- Пониска цена од алтернативите. Со цена од 12.990 за за 1.25 MPI бензински мотор со основен пакет на опременост, Stonic е со многу поконкурентна цена од конкуренцијата.
- Мала потрошувачка. Дизелската изведба има потрошувачка од 3.8 до 4.9 литри на 100 км.
- Привлечен дизајн
- Добри возачки перформанси.
- 7 години гаранција.
- Послаби безбедносни перформанси.
- Малку побучна внатрешност при зголемена брзина.
Целосниот каталог за Kia Stonic можете да го погледнете ТУКА.
Во кратки црти, Stonic е навистина фенси урбан кроссовер од кој конкуренцијата и тоа како треба да се плаши. Со релативно ниската цена и 7те години гаранција, треба сериозно да размислувате за Stonic доколку планирате да купите нов автомобил.