По долги години на лидерската позиција, првиот човек на FCA, Серџо Маркијоне полека, но сигурно се подготвува за пензија. 65 годишниот италијанец во јуни годинава ќе замине во пензија, па оттука и бројните шпекулации за тоа кој ќе биде негов наследник. Маркијоне минатиот месец во рамките на саемот за автомобили во Детроит изјави дека неговиот наследник треба да биде избран од редовите на извршниот совет, но дека последниот збор ќе го има Џон Елкан, член на фамилијата Ањели кој поседува најголем дел од акциите на Ексор, холдинг компанијата која го поседува FCA.
Сепак медиумите шпекулираат дека во игра за наследник на Маркијоне се 17 лица, но како најсериозни конкуренти се наведуваат следните имиња: Алфредо Алтавиља, Ричард Палмер, Мајкл Менли и Пјетро Горлиер.
Алтавиља е прв човек на дивизијата на FCA која се однесува на EMEA регионот. Алтавиља се одвојува од другите бидејќи има најдолг стаж во Фиат и тоа уште од 1990 година. Тој е еден од најзаслужните за излегувањето од криза на Фиат во 90тите години. Ричард Палмер е дел од групацијата 11 години, а карактеристично за него е што има агресивни финансиски цели. Се смета дека тој има големи заслуги за финансиските перформанси во последните пет години.
Мајкл Менли е британец кој со спојувањето на Фиат и Крајслер тој е назначен на директор на брендот Jeep. Претходно тој беше дел од Daimler-Chrysler каде бележеше постојан кариерен напредок. Во моментов тој е одговорен за операциите на FCA во Азијско-пацифичкиот регион, а последната негова зделка беше онаа во Кина каде потпиша договор за заедничко производство со Guangzhou Automobile Group. Пјетро Горлиер слично како и Алтавиља важи за долгогодишен и верен работник на семејството Ањели. Во Фиат е уште од 1989 година кога ја започна својата кариера како аналитичар во Ивеко (компанија подоцна продадена од Фиат на семејниот холдинг Ексор). 55 годишниот италијанец во својата кариера работеше и за останатите компании кои денес се дел од FCA Групацијата како што се Mopar, MagnetiMarelli и слично.
Одлуката за наследникот на Маркијоне треба да се донесе во јуни кога ќе биде претставен новиот четиригодишен стратегиски план на FCA.