Иако во САД забележа рекордна продажба, сепак во Европа, Алфа Ромео забележа далеку од посакуваната продажба. Најпродаван модел е Џулијета со продажба од 32.700 автомобили што го рангира овој модел на 130та позиција. Џулија пак бележи пораст од 135.6% во однос на претходната, 2016та година, но сепак бројката од 24.679 примероци е далеку под посакуваното ниво односно под нивото на конкуренцијата. Интересно е што Ланча која се продава само на еден пазар т.е. само во Италија има поголема продажба отколку сите модели на Алфа Ромео кои се продадени во Европската Унија. Познато е дека Маркијоне планира да го “пензионира” овој бренд, но колку овие шпекулации се погласни толку Ланча забележува солидни продажни перформанси.
Во измината година, Ланча со единствениот свој модел кој е достапен само во Италија оствари продажба од 60.613 примероци што како што кажавме и претходно е повеќе од збирот на сите продадени Giulietta и Giulia во Европа. Со оваа продажба Ланча Ипсилон е рангирана на 88та позиција и се наоѓа пред Форд Мондео, Ситроен Ц4, Пежо 5008, Мазда 3, Хонда Цивик…
Иако со само еден модел во понудата Ланча докажа дека е повеќе од само еден бренд пред пензионирање. Маркијоне и генерално управата на FCA во претходните 6 години во целост ја маргинализираше Ланча, но и покрај тоа Ypsilon е најпродаваниот автомобил во Италија и еден од најпродаваните модели на FCA. Дали и покрај овој факт управата на FCA ќе опстои во своите намери да го збрише легендарниот бренд останува да видиме до почетокот на јуни кога е закажана презентацијата на новиот четиригодишен стратешки план на FCA, настан на кој ќе биде избран и наследникот на Маркијоне кој на 1 јуни оди во пензија.
Медиумите во Италија сметаат дека единствена шанса за Lancia постои само доколку за наследник на Маркијоне биде избран италијанец, а не некој од редовите на Jeep или Chrysler. Сепак каков ќе биде исходот останува да погледнеме во наредните неколку месеци кога многу работи ќе бидат појасни.