Во пресрет на претстојниот саем за автомобили во Женева, познатиот сајт AutoExpress го објави првото видео од новата генерација на Peugeot 508 чија премиера е закажана токму на овој саем. Од видеото може да се види извонредноста и амбициозноста на Peugeot во поглед на новата 508. Со одлична внатрешност која дава чувство дека се возите во вселенско летало, а не обичен автомобил и одличен екстериерен дизајн, новата Пежо 508 претставува и тоа како голема закана за конкуренцијата.
Инаку за разлика од претходната генерација која се базираше на PF3 платформата, новиот 508 се базира на новата EMP2 која францускиот производител ја користи за SUV моделите. Голема разлика има во надворешниот дизајн кој е инспириран од концептите Instinct и Exalt. Во однос на внатрешноста во новиот 508 е вграден i-Cockpit кој е составен дел од актуелните модели како што се 308 и 5008. Во стандардната опрема ќе добиете 9,7 инчен капацитивен екран осетлив на допир кој ќе ви овозможи целосна мултимедијална интеграција со сите ваши паметни уреди.
Цената на новиот Peugeot 508 не е позната, а се очекува да биде конкурентна на конкуренцијата во D сегментот. Според неофицијални информации новата 508ца ќе се произведува единствено во Рен (Франција) и Вуан (Кина). За потсетување, претходната генерација на 508 се произведуваше на пет локации и тоа во Франција, Кина, Малезија, Нигерија и Иран, а продажбата на овој автомобил се одвиваше исклучиво во ЕМЕА регионот вклучувајќи и неколку земји од Африка.