Од средината на следниот месец ќе се вози по новиот автопат Демир Капија – Смоквица. Оваа информација вчера ја соопшти Портпаролот на Владата на Република Македонија кој соопшти дека министрите на Владината седница ја разгледаа и ја усвоија Информацијата за прогресот на активности во реализацијата на Акцискиот план за проектот „Изградба на автопат Демир Капија – Смоквица” и дека автопатот ќе се пушти во употреба кон средината на следниот месец.
Оваа делница од Коридорот 10 требаше да биде пуштена минатата година кога и беше во целост завршена. Сепак поради далноводот на МЕПСО и неговата дислокација како и изградбата на контролниот центар пуштањето се одложи за оваа година. Сега кога далноводот е преместен, а изградбата на контролниот центар е во завршна фаза останува да се почека уште неколку недели за конечно да се вози по целосно реконструиран Коридор 10 кој е најфреквентната сообраќајна делница во Македонија.
За потсетување, изградбата на 28 километарска делница започна во септември 2012, а најголем дел од средствата потребни за изградбата се обезбедени со грант од Европската комисија како и заеми од Европската инвестициона банка и од Европската банка за обнова и развој.