Саемот во Женева е местото каде BMW традиционално се претставува во најдобро светло. Како и минатите години така и оваа германскиот производител претстави неколку новитети со кои го привлече вниманието на јавноста. Во продолжение ви претставуваме што се BMW претстави на саемот во Женева.
Несомнено ѕвездата на штандот на BMW е моделот М8. Луксузен, спортски, со четири врати, накратко тоа е описот на концептот чиј сериски модел ќе биде претставен следната година.
Со M8 BMW врти нова страница во дизајнот. Тоа го потврдува и Адријан ван Хојдонк, директорот за дизајн на германскиот производител кој потенцираше дека овој концепт е чекор напред во дизајнерскиот “јазик” на BMW. “Можам да кажам дека автомобилот ќе биде многу гладен на патиштата” изјави Хојдонк потенцирајќи ја комбинацијата на моќност изразена преку спортските линии како и луксузот со кој плени.
Сериската верзија се очекува да има 4.4 литарски битурбо V8 мотор со нешто повеќе од 600КС и осмостепен ZF автоматски менувач, Launch Control и M xDrive погон на сите четири тркала.
Иако М8 Gran Coupe ги освои симпатиите на саемот во Женева, сепак на штандот на BMW се наоѓа уште еден ѕвер. Станува збор за BMW M2 Coupe кој на овој саем е претставен во Black Shadow едицијата.
Со оваа едиција германскиот производител ги одбележува 12те илјади примероци продадени минатата година. Sapphire Black металик боја, мат црни фелни, црни “бубрези”, Carbon заден дифузер и уште многу елементи во црна боја го красат ова специјално издание на M2. Под хаубата се крие шестцилиндричен мотор со 370 КС достапен со шестстепен и седумстепен менувач кој до 100ка забрзува за 4.3 секунди.
Оваа специјална едиција ќе биде произведена во ограничен број на примероци кои во продажба ќе бидат достапни од крајот на следниот месец. Во наредните денови се очекува и официјално да биде претставена и цената на овој модел.
На овој саем BMW ја претстави и новата X4. Базиран на истата латформа како и X3, BMW во овој модел влева надеж дека ќе успее да одземе од пазарниот колач на Mercedes GLC Coupe и Jaguar F-Pace. Во новата X4 германскиот производител ја има вградено последната технологија која овозможува целоса интеграција на вашите смарт уреди. Во централната конзола се наоѓа 6.5 инчен екран на допир преку кој може да се зададат најразлични команди.