Во пресрет на премиерата која е закажана за 23 март во Пекинг, Volkswagen објави тизер фотографија од новата генерација на Touareg. Она што може да се заклучи од фотографијата е тоа дека и новиот Touareg ќе има LED светла со хромирана предна маска чија целина потсеќа на предниот дел на Arteon. Токму и оваа дизајнерска филозофија се очекува да биде пресликана во најголемиот SUV на Volkswagen.
Од другите достапни информации, новиот Touareg ќе ја користи MLB платформата која ја користат Audi Q7 и Porsche Cayenne. Исто така познато е и дека третата генерација ќе биде понудена со 3.0 литарски V6 турбодизел со 285 КС и 620 Nm како и 3.0 литарски V6 турбобензинец со 340 КС и 500 Nm. Новитет е plug-in хибридната изведба која ќе биде со ознака GTE.
Инаку воопшто не е случајно што наместо во Њујорк или Женева, VW се одлучува новиот Touareg премиерно да го претстави во Пекинг. Германскиот производител се очекува со овој модел да атакува на кинескиот пазар каде популарноста на SUV моделите е и тоа како голема, а воедно е еден од најбрзо растечките пазари во поглед на автомобилската индустрија.
Иако официјално нема потврда, сепак почетната цена на Touareg се очекува да биде околу 79 илјади евра.
ФОТО: VW