Конечно, по долга најава и бројни тизери денеска во Пекинг беше претставена новата, трета генерација на најголемиот SUV на Volkswagen, Touareg. Помодерен, полуксузен, за нијанса поголем и секако со повеќе технологија, новиот Touareg со сигурност ќе биде новиот бестселер на германскиот производител во Премиум SUV сегментот, а амбициите на Volkswagen се тој да биде и најпродаван SUV во овој сегмент на ниво на Групацијата, но лидер во сегментот како во Кина така и во Европа.
Дизајнот на новиот Touareg ја следи актуелната дизајнерска филозофија која е применета во Arteon, новото Polo како и во неколку други интернационални модели на германскиот производител. Без многу заоблени елементи, новиот Touareg го истакнува модерниот минимализам преточен во луксузен дизајн кој освојува на прв поглед. Накратко кажано, новиот Touareg успешно ја инкорпорира Фолксвагеновата ДНК.
“Сакавме да го комбинираме спортскиот дух и удобност. Фокусот е ставен на удобното возење, но нас ни е важно да Touareg биде добар и на off-road терените. Тоа е дел од DNK на овој модел. Неговиот изглед е повеќе прилагоден на градските улици, но тој е теренец во срце” изјави Оливер Милер, раководителот на развојното оделение за Touareg.
Како што беше и претходно познато, новиот Touareg се темели на MLB платформата која во моментов ја користат Audi Q7, Porsche Cayenne и Lamborghini Urus. Новиот Touareg во однос на претходните генерации е за 44 mm поширок, понизок за 7 mm, но и полесен за речиси 106 килограми.
Оваа генерација за прв пат ќе го носи 3.0 литарскиот V6 дизелски агрегат со 231 КС. Во понудата ќе биде и 4.0 литарскиот V8 дизелски агрегат со 421 КС, но засега сеуште не е позната целосната понудата на Volkswagen за овој модел, а сигурно е дека германскиот производител ќе настапи со различни понуди во Европа и Азија т.е. Кина. Кај третата генерација на Touareg новитет е plug-in хибридната изведба која ќе биде со ознака GTE.
Внатрешноста е ултра модерна. Последниот Innovision Cockpit е дел од овој автомобил, а новиот ентериер донесува и 15 инчен екран осетлив на допир и дополнителен 12 инчен екран. Овој мултимедијален систем овозмоува целосна интеграција на смарт уредите со системот на Touareg, а воедно овозможува само со допир на екранот да се контролира климата, масажерот во седиштата, вентилацијата и многу други команди.
Инаку со третата генерација на Touareg, Volkswagen има за цел да доминира во SUV сегментот во Кина па токму и оттука причината зошто овој модел премиерно го претставува во Пекинг.