Се поголемите сообраќајни незгоди кои земаат се повеќе и повеќе животи го поттикна РСБСП да започне нова, пролетна кампања за безбедноста во сообраќајот. Разбуди ги позитивните навики во сообраќајот е слоган под кој Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, ќе ја претстави и ќе ја реализира новата пролетна едукативна кампања за одговорно учество во сообраќајот и за почитување на сообраќајните правила и прописи.
Кампањата ќе се реализира во четири тематски фази и ќе биде насочена најпрво кон едукација на возачите, а потоа и кон подигнување на сообраќајната свест за безбедно учество во сообраќајот на пешаците, мотициклистите и велосипедистите – категории ранливи учесници во сообраќајот. Во неа, освен едукација преку социјалните и електронските медиумите, ќе се организираат и јавни настани, преку кои учесниците во сообраќајот ќе се запознаат со опасностите со кои се соочуваат во сообраќајот и ќе добијат совети како истите да ги надминат.
„Намалување на бројот на загинати – пешаци, велосипедисти и мотицклисти е цел поставена во Втората национална стратегија за унапредување на безбедност на сообраќајот на патиштата. Оваа цел, сама по себе, претставува јасен предизвик не само за РСБСП, туку и за сите останати надлежни институции за подигање на безбедноста во сообраќајот на ниво достојно секој поединец слободно и без страв да учествува во сообраќајот. Во таа насока, РСБСП, неколку години по ред, реализира вакви или слични едукативни активности.“ – велат од РСБСП.
„Разбуди ги добрите сообраќајни навики: успори малку – вози одговорно, не претрчувај на пешачки, внимавај со твојот велосипед... се дел од пораките кои ќе бидат комуницирани во рамки на кампањата“. Интересни, директни и доволно јасни и прецизни за да предизвикаат брза реакција и во истиот момент да влијаат на оние со лоши навики во сообраќајот.
Согласно сообраќајната статистика, во 2017 година, на патиштата во Република Македонија, животот го загубиле 34 пешаци, 5 велосипедисти и 7 мотоциклисти. Бројот на загинати велосипедисти и мотоцклисти е намален за 50% во споредба со 2016 година, а бројот на загинати пешаци е ист. Согласно овие показатели, минатата година ранливите категории учесници во сообраќајот, таргет на оваа кампања, учествувале со околу 30% од вкупниот број жртви на патиштата.
Autoklub.mk во целост ја подржува оваа камања на РСБСП.