Окружниот суд на САД минатата недела предложил Ford Motor Co. да му исплати 16.8 милиони американски долари на својот поранежен инжинер Фајсал Халаф откако тој претходно ги тужеше за дискриминација. Халаф роден во Либан, во 2015 година го тужеше американскиот авто производител откако наводно двајца надзорници го малтретирале со години поради неговото арапско потекло.
Според неговата изјава, Бени Фоулер, тогашен потпретседател на американскиот сектор за квалитет и развој на нови модели редовно и често го подложувал на неоправдани критики и непријателства во врска со неговата не толку голема способност да зборува и разбира англиски.
Според изјавата на Халаф за Detroit Free Press, малтретирањето кон него продолжило и кога тој бил назначен да работи под подреденост на Џеј Џоу, извршниот лидер за квалитет кој пак му се заканувал со т.н. план за транзиција во кариерата. Поради овие малтретирања Халаф бил принуден на отсуство од работното место како последица на стресот, а спротивставувајќи се на оваа дискриминација тој бил отпуштен во септември 2015 година, истата година кога поднел и тужба до надлежните органи.
Оттука надлежниот суд одлучил на либанецот да му бидат исплатени 15 милиони долари за казнени штети, 1.7 милиони долари за пензиски загуби и 100 илјади долари на име на емоционална повреда.
Сепак претставници на Ford во вторникот поднесоа приговор. “Ние не веруваме во исказот на Халиф. Ford е посветен на создавање на работна средина која промовира разновидност и интеграција во рамките на нашата заедница. Различните потекла на нашите вработени ја прават нашата компанија уште посилна, а ние сме горни на нашите програми и политики на подржување на еднаквост и еднакви опции за развој на кариерата” стоеше во соопштението на американскиот производител.
Целосниот расплет на случајот “Халиф” се очекува да се случи до крајот на овој месец.