Honda го поднови својот најпопуларен скутер PCX 125. Скутерот кој на пазарот беше лансиран во 2010 година за многу кратко време постигна одлични продажни перформанси. Така за седум години овој скутер беше продаден во околу 140 илјади примероци што воедно го направи и најпродаваниот скутер на пазарот. Токму поради популарноста на овој скутер, но и поради тоа што веќе подолго време немаше направено никаков редизајн, јапонскиот производител се реши да го освежи и технолошки подобри.
Покрај целосно новиот дизајн кој изгледа одлично, Honda во PCX 125 има вградено нов алуминиумски рам, ABS како и агрегат со поголема моќност, но со исто ниво на потрошувачка како и довчерашната генерација на PCX 125. Тука е и новиот издувен систем и проводник на воздухот, за нијанса поголеми тркала, но сумарно земено постигнато е и намалување на вкупната тежина. На предниот дел се вградени нови LED светла како и инструментална табла со екран во боја.
Засега нема информации околу продажната цена, а такво нешто се очекува да биде објавено во наредниот месец кога и би требало да се појави во салоните во Европа.