И последните официјални податоци за продажбата во Кина за март годинава не донесоа ништо ново. И натаму, на врвот на листата се наоѓа Volkswagen кој во месец март продаде 275.349 возила што се пораст за 6.7% во однос на истиот месец минатата година односно пораст од 3.8% во поглед на првиот квартал годинава споредбено со истиот минатата година.
Промена нема ни на втората позиција каде што се наоѓа Geely со пораст од 29.1%. Така во март годинава овој кинески бренд оствари продажба од 112.457 возилашто е пораст за 29.1% во однос на минатата година кога оствари продажба од 87.135 возила. На третата позиција се наоѓа Changan со продадени 110.427 возила, а најдобрата петорка ја сочинуваат уште Toyota (105.825 возила) и Honda (104.762 возила).
Процентуално најголем пораст во месец март споредбено со истиот месец минатата година има Qoros и тоа пораст од 412.6%. Така овој месец годинава Qoros забележа продажба од 4.116 возила додека истиот период минатата година само 803. Најголем процентуален пад има остварено Jinbel и тоа од 81.7%. Така овој кинески брен во март годинава продаде само 1.043 автомобили.
VOLKSWAGEN ЕДИНСТВЕН ЕВРОПСКИ БРЕНД ВО ТОП 10
Инаку Volkswagen е единствениот европски бренд во ТОП 10. На оваа листа доминираат домашните брендови. Така во најпродаваните 10 брендови за месец март дури 4 се кинески, па потоа следат три јапонски брендови и по еден од Европа, САД и Јужна Кореа.
По Volkswagen кој е лидер, следен најпродаван бренд е Audi кој со 53.556 продадени возила се наоѓа на 14. позиција. На 17, позција се наоѓа Mercedes-Benz со продадени 43.051 возило, додека пак BMW се наоѓа на 23. позиција со продадени 35.273 возила. Значителна продажба имаат остварено и Skoda (24.300) и Peugeot (20.528), додека пак Citroen од каде објавија дека ќе посветат големо внимание на овој пазар забележа пораст на продажбата од 55.8% продавајќи 14.800 возила.
Ова говори дека и покрај големата фокусираност на европските производители, сепак на кинескиот пазар и натаму владеат домашните и другите азијски брендови.
HONGGUAN НАЈПРОДАВАН МОДЕЛ
Иако Vokswagen е најпродаваниот бренд, сепак најпродаваниот модел доаѓа од погоните на Wuling. Станува збор за моделот Hongguang кој во март годинава е продаден во 52.715 примероци што е пораст од 0.4% во однос на истиот месец минатата година. На втората позиција се наоѓа Baojun 510 со продадени 41.158 примероци додека најпродаваниот Фолксвагенов модел е Lavida со продадени 38.914 примероци. Во ТОП 10 најпродавани модели се наоѓаат уште три модели на германскиот бренд и тоа Sagitar, Tiguan и Bora.