По продолжувањето на договорите на Алекс Ринс со Suzuki и Алеш Еспаргаро со Aprilia и италијанецот Андреа Довициозо се одлучи да го продолжи договорот со Ducati. 32 годишниот италијанец кој минатата година заврши на втората позиција го продолжи договорот за уште две сезони односно за италијанскиот тим ќе вози и во сезоните 2019 и 2020.
Довициозо во Ducati стигна во 2013 година и од тогаш има победено осум пати што го прави најуспешен возач во италијанскиот тим по Кејси Стонер. Минатата година победи на шест трки па оттука новиот договор воопшто не е за изненадување. Единствен проблем во преговорите како што пренесуваат италијанските медиуми била платата која во моментов е значително помала во однос на другиот возач на Ducati, Хорхе Лоренцо.
Интерес за популарниот Дови имаше и од Suzuki и Honda, но на крајот италијанецот ги надмина сите недоразбирања со Ducati и се одлучи да ја продолжи својата верност на уште две години.