Министерството за Внатрешни работи на РМ заедно со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) започнаа нова кампања под мотото “Летувај, не летај” а целта на истата е поголема безбедност и намалување на жртвите во сообраќајот за време на летните одмори.
Најголем поттик за отпочнувањето на оваа кампања е тоа што минатата година во јули и август се случиле 39 сообраќајни незгоди со жртви во кои загинале вкупно 47 лица, а во 826 сообраќајни незгоди со потешки последици, повредени биле вкупно 1333 лица.
„Сите заедно мора да придонесеме за ред во сообраќајот , да се почитуваат сообраќајните правила и со тоа да придонесеме за намалување на бројот на сообраќајни несреќи и намалување на бројот на жртви“, рече министерот Спасовски во изјавата за медиумите на граничниот премин Табановце од каде почна оваа кампања.
Едукативно-информативните материјали изготвени на македонски и англиски јазик во наредниот период ќе бидат доставувани на граничните премини во земјава, а исто така ќе бидат организирани обилни пунктови за делење на едукативни материјали долж коридорите 8 и 10, а ќе бидат организирани едукативни акции и по угостителски објекти и многу други активности во насока на подигање на свеста за побезбеден сообраќај.
ИЗВОР: Министерство за внатрешни работи на РМ/www.mvr.gov.mk